Балкан
6. January 2018 - 10:00

ЕУОбзервер: Тачи и Харадинај се очекуваат пред Специјалниот суд

Бриселскиот портал ЕУОбзервер објави дека се очекува пред Специјалниот суд за злосторства на ОВК да се најдат косовскиот претседател Хашим Тачи и пратеникот од Алијансата за иднина на Косово Даут Харадинај, брат на косовскиот премиер Рамуш Харадинај.

Порталот потсетува дека Тачи и Даут Харадинај се поранешни команданти во ОВК.

Во текстот се наведува дека партијата на шефот на косовската Влада Рамуш Харадинај минатиот месец се обидела да го спречи законот со кој Косово се обврзува на соработка со тој трибунал и дека тој завчера во Ѓаковица изјавил дека бил против тој закон додека бил во опозиција и оти и сега е против него.

ЕУОбзервер тврди дека неговиот брат Даут минатата недела рекол дека „со првото апсење на Специјалниот суд“ веднаш ќе се „активираат“ поранешните борци од ОВК.

Се наведува дека водечки држави во ЕИ, како и САД, го предупредиле Косово за „тешки последици“ доколку властите одлучат да се откажат од трибуналот.