Бизнис
4. February 2016 - 13:37

ЕУ: Стабилен економски раст и намалување на невработеноста во Македонија

Европската комисија предвидува стабилен економски раст на економијата на Република Македонија, јави дописникот на МИА од Брисел. Во зимската европска економска прогноза што денеска ја објави еврокомесарот за економски и финансиски прашања Пјер Московиси, Еврокомисијата предвидува раст на македонскиот Бруто-домашен производ (БДП) за 3,3 проценти во оваа година, каков што бил и лани, додека за 2017 година, неформалната Влада на Европската унија предвидува враќање на растот од 3,5 отсто на БДП како во 2014 година.

Со овој раст, Македонија ќе биде меѓу петте земји во Европа со најголем економски раст, во што предничи Ирска со 6,9 проценти раст на БДП за 2015 година и 4,5 отсто за оваа година, како и Романија (раст од 4,2% за годинава), Малта (3,9%) и Луксембург (3,8%). Како последица на политичките превирања во земјата, и покрај тоа што лани беше на позитивна „нула“, годинава се очекува Грција повторно да влезе во рецесија со минус 0,7 проценти раст, со што ќе биде единствената земја на европскиот континент што се очекува да продолжи да биде во рецесија. На ниво на Европска унија, економскиот раст минатата година изнесувал 1,9 проценти, колку што се предвидува дека ќе биде и годинава, додека Еврозоната, лани имала раст од 1,6 отсто на БДП, а годинава се очекува раст од 1,7 проценти.
 
Во однос на невработеноста, прогнозите на Еврокомисијата се дека истата ќе продолжи да паѓа во Република Македонија и според прогнозата, таа лани изнесувала 27 проценти, со тоа што вработеноста се зголемила за 2,1 отсто, а годинава се очекува бројот на невработени да се намали на 25,8 проценти од работоспособните македонски граѓани, а во 2017 година, македонската невработеност за првпат по подолго време да падне под 25 проценти (24,6%). Во рамки на ЕУ, невработеност годинава се очекува да изнесува точно 9 проценти, а 10,5 отсто во Еврозоната. Во однос на поединечните земји-членки на Унијата, најголема е невработеност со 25,1 отсто за лани во Грција, каде се очекува пад на невработеноста на 24% за годинава, односно 22,8% во 2017 година.
 
Најнизок процент на невработеност во рамки на ЕУ има Германија (4,8%), додека во светски рамки убедливо прва е Јапонија, каде само 3,4 проценти од работоспособните лица биле без работа во 2015 година, а се очекува оваа стапка и да се намали на 3,3% годинава.
 
Со наслов: „Економскиот раст останува стабилен, воден од домашната побарувачка“, Европската комисија за Република Македонија посочува дека „економијата обезбеди солидна добивка во првите девет месеци од 2015 година, управувана од потрошувачката на домаќинствата, порастот на трошоците на Владата и нето-извозот“. ЕК вели дека во Македонија „приватните инвестиции останаа воздржани, како и неизвесноста околу надворешната средина и домашната политичка ситуација“, која според Брисел - „надвладеа во подоцнежниот дел од годината“.
 
- Изгледите остануваат оптимистички, со тоа што инвестициите најверојатно, ќе се зголемат, откако новата Влада ќе биде инсталирана. Владата ја потврди својата заложба за фискална консолидација на среден рок, но не успева да ги запре тековните расходи, вели на почетокот Еврокомисијата за македонската економска состојба.
 
Понатаму, Комисијата препорачува приватната потрошувачка да остане клучен двигател на растот во Македонија, па затоа во прогнозата се посочува дека „економијата продолжи да остварува солидна добивка и во третиот квартал на 2015 година”. Притоа, се вели дека растот на БДП забрзано пораснал на 3,5 проценти и дека со оглед на нагорните ревизии на претходните проценки, економијата се зголемила во просек за 3,4 отсто во првите девет месеци на минатата година, со потрошувачка на домаќинствата, како клучен двигател на растот, поддржана од нето-извозот и зголемување на јавната потрошувачка.
 
- Во 2016 и 2017 година, раст се предвидува да остане цврст, со мало забрзување кон крајот на хоризонтот од прогнозата. Домашната побарувачка ќе остане клучен двигател и потрошувачката на домаќинствата се очекува да има корист од позитивните трендови за зголемување на платите, бенигната цена на животната средина, создавањето на работни места, како и понатамошно зголемување на трансферите и пензиите. Нето-реалните плати се зголемуваа 18 месеци по ред, на сметка на добивки во номиналните плати и дефлацијата. Социјалните трансфери и пензиите се зголемија уште повеќе по донесување на ребалансот на буџетот во август минатата година, а Владата предвидува понатамошно зголемување на инвестициите во 2016 година. Инвестициите останаа воздржани и во третиот квартал, со тоа што домашната политичка криза го зема својот данок на доверба. Но, истата се очекува да се врати со умерена стапка на раст, откако политичката клима ќе се стабилизира, гласи прогнозата на неформалната Влада на ЕУ за Република Македонија.
 
Во продолжение на зимската економска прогноза, за Македонија, Еврокомисијата наведува дека придонесите од нето-извозот се намалуваат, при што се посочува дека растот на извозот се намалил во третиот квартал на 2015 година, во споредба со првата половина од годината, како одраз на се' потешката надворешната средина, и, особено, неповолните услови на глобалниот пазар за метали кој, според Комисијата е еден од најважните за извозот на земјата.
 
Раст на увозот, што е приближно рамномерен во текот на првата половина на минатата година, бил на маргините во третиот квартал, но според ЕК, подоцна е забрзан, што  укажува на зајакнување на извозната побарувачка, содржината на увоз на производство од страна на странски компании, што е околу две третини од извозот на економијата. Сето тоа, според Комисијата, останува на високо ниво во Македонија, со оглед на тоа што потребните машини и суровини доаѓаат од странство.
 
- Во 2016 година, нето-извозот се предвидува да даде позитивен придонес во растот на економијата, но сепак прави негативен придонес за подоцна, со оглед на очекуваниот обновен притисок во увозната побарувачка. Со голем број новоформирани странски инвеститори што започна производство оваа и следната година, извозот ќе има солидно зголемување, а поврзано со нови влезови што во голема мера ќе биде сервисиран од странство отколку од дома. Во споредба со претходните очекувања, трговскиот биланс на стоки се предвидува да се подобри значително, движејќи ја тековната сметка во мал вишок, предвидува Еврокомисијата.
 
Неформалната Влада на Европската унија, за Република Македонија посочува и дека растот на вработеноста останува стабилен, при што се посочува дека „условите на пазарот на трудот се очекува се подобриле во 2015 година, но дека постојат сериозни предизвици во некои целни групи, како што се младите и жените. Притоа, Комисијата наведува дека на извозните индустрии отпаѓа поголемиот дел на новите работни места создадени во првите три квартали на 2015 година.
 
- Растот на вработеноста најверојатно ќе продолжи со солидни стапки, со просек од 2,2 проценти во текот на оваа и следната година, главно на сметка на создавањето на работни места во новите фабрики на странските инвеститори, но исто така и во некои домашни производствени индустрии. Ова се очекува да се претвори во дополнително намалување на вкупната стапка на невработеност, прогнозира ЕК за Македонија.
 
Европската комисија предвидува и дека ценовниот притисок во Македонија ќе остане „умерен“, при што наведува дека „потрошувачките цени повторно се намалија кон крајот на минатата година, по привремениот раст во текот на летото. Според Еврокомисијата, годишната дефлација во 2015 година изнесувала 0,3 проценти, главно на сметка на намалувањето на енергетските интензивни услуги за транспорт, како и падот на цените на храната (41 отсто од индексот) во октомври минатата година. Цените во животната околина се очекува да останат бенигни, со оглед на тоа што „само умерено се очекува зголемување на надворешните притисоци и отсуството на домашни“.
 
Единствен економски предизвик за Република Македонија, според прогнозата на Европската комисија останува фискалната консолидација. Во тој поглед, се наведува дека со ребалансот на буџетот во 2015 година се зголемила целта на општиот владин дефицит од 3,4 проценти на 3,6 отсто од Бруто-домашниот производ, што го намалил годишното очекувањате за економски раст, па наместо 4 проценти, истиот изнесувал 3,5 отсто на БДП.
 
Според Еврокомисијата, приходите во првата половина на годината ја надминале наплатата на данокот на добивка повеќе од двојно, со тоа што реинвестираната добивка е отстранета. Како одговор на тоа, македонската Влада, според ЕК, ја зголемила потрошувачката, особено за социјалните трансфери и платите во јавниот сектор, и овие дополнителни приходи не биле искористени за обнова на фискалниот простор.
 
- Според предвидувањата, дефицитот ќе се намали под 3 проценти до 2017 година, но бараните намалувања на трошоците останаа неконкретни. Четвртата еврообврзница на земјата од 270 милиони евра беше издадена во ноември, во делот за финансирање на фискалниот дефицит во првата половина на 2016 година. Сепак, со оглед на тоа што дел од овој износ отиде во отплата на 150 милиони евра за еврообврзницата од 2005 година, Владата можеби ќе мора да прибегне кон дополнителни извори на финансирање. Се очекува дека целта на официјалниот дефицит за 2016 и 2017 година ќе биде надмината, иако тоа не толку сериозно како во минатото, посочува Европската комисија во зимската прогноза за македонската економија.
 
На крајот во прогнозата, ЕК наведува дека стабилизирањето на државниот долг не е веројатно да се случи во текот на хоризонтот на прогнозата, а вкупниот јавен долг, кој го вклучува државно-гарантираниот долг на претпријатијата во државна сопственост е проектиран да се зголеми уште повеќе.