Свет
25. October 2016 - 20:56

ЕУ предлага уште тримесечна контрола на шенгенските граници

Европската унија ќе им дозволи на петте земји што воведоа контрола на своите граници во рамки на Шенген зоната, да ги продолжат граничните проверки за уште три месеци, се наведува во денеска објавените препораки на Еврокомисијата, кои се однесуваат на миграциските и безбедносните предизвици, јави ДПА.

Австрија, Данска, Германија, Норвешка и Шведска минатата година во екот на мигрантскиот наплив кога во Европа влегоа над еден милион бегалци, воведоа времени контроли на своите шенгенски граници, кои досега беа продолжувани во неколку наврати.

Берлин, Виена и Копенхаген повикаа на ново продолжување на рокот за граничните контроли, кој истекува на 12 ноември, на што се противат некои од земјите членки на ЕУ од централна и источна Европа, кои сметаат дека мигрантскиот притисок е значително намален и дека нема потреба од вакви мерки. 

Намалувањето на приливот на мигранти уследи по договорот меѓу ЕУ и Турција со кој беше запрено масовното преминување на бегалци од турска територија кон Грција, од каде потоа преку балканската рута тие се упатуваа кон западноевропските земји.  

Европската комисија во својата денешна препорака оценува дека улинувањето на граничните контроли би можело да доведе до зголемен број на мигранти во овие земји, во услови кога тие се уште се соочуваат со проблеми при решавањето по барањата на постојните баратели на азил.

- Работиме напорно за нормализација на состојбите во Шенген зоната што е можно побрзо и направивме забележителен напредок во тој правец, изјави потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс.

Предлогот на Европската комисија за породлжување на граничните контроли треба да го одбри Советот на ЕУ.