Свет
31. October 2018 - 15:19

ЕУ пред договор за забрана на пластични производи за еднократна употреба

Амбасадорите на земјите членки на ЕУ на денешниот состанок во Брисел постигнаа договор за забрана на пластичните производи за еднократна употреба.

Како што се наведува во соопштението од состанокот, ваквата одлука е донесена откако во прилог на забраната се изјасни и Европскиот парламент на своето заседание на 24 октомври.

– Пластичниот отпад ги загадува нашите реки, нашите плажи и нашите океани. Токму затоа ние ќе ги забраниме пластичните производи за кои постои соодветна замена и ќе ги натераме производителите на пластика да платат за чистењето на пластичниот отпад, изјави австриската министерка за одржлив развој и туризам Елизабет Кестингер, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Како што јави ДПА, преговорите за забраната меѓу Европарламентот и земјите членки на ЕУ се очекува да почнат во следниве неколку дена, а конечната правна рамка би требало да биде одобрена да крајот на годината.

Европската комисија во мај годинава предложи забрана на пластичните производи за еднократна употреба со непластични, како и намалување на користењето на пластични садови за чување храна.

Според податоците на Еврокомисијата, повеќе од 80 проценти од отпадот во океаните отпаѓа на пластика.

Европскиот парламент минатиот месец го поддржа предлогот на Комисијата за забрана на пластичните производи за еднократна употреба, надополнувајќи го со воведување обврзувачки цели за намалување на користењето на одредени предмети од пластика и со проширување на листата на производи што би требало да бидат забранети за употреба.

Пластичниот отпад е главен загадувач на океаните и морињата во светот, бидејќи бавно се распаѓа. Многу често остатоци од пластика се наоѓаат и во телата на морските животни, како што се желките, рибите, китови и птици, но и во морската храна што ја конзумираат луѓето.