Македонија
9. January 2017 - 16:16

ЕУ очекува брзо формирање нова влада на Македонија

Откако претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска му го предаде мандатот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за составување на нова Влада, Европската унија излезе со повторен став дека очекува „брзо формирање на нова Влада“.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, го повтори ставот на неформалната Влада на ЕУ, даден уште ден по македонските парламентарни избори што се одржаа на 11. декември.
 
- Во оваа фаза, единствено што можам да кажам е дека ние облиску ја следиме ситуацијата. Како што рековме во минатото, ние, во рамки на уставните рокови, очекуваме брзо формирање на нова стабилна Влада. Ние, исто така, сакаме да видиме итна имплементација на реформите, решавање на прашањата за системското владеење на правото, исто и преку Итните реформски приоритети и преку продолжена имплементација на претходните политички договори - потенцираше Коцијанчич.
 
Како што е познато, овој став за изборите во Македонија, претходно го искажаа и Федерика Могерини и Јоханес Хан, потпретседателката и комесарот на Еврокомисијата, кои исто така побараа од „идната опозиција да игра конструктивна и активна улога во македонскиот парламент“.