Свет
2. May 2019 - 9:07

ЕУ ќе преземе мерки против одлуката на САД за Куба

Европската Унија со мерки ќе одговори на одлуката на американските власти да дозволат стапување во сила на законот Хелмс-Бартон, најави шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.

Законот Хелмс-Бартон им овозможува на Кубанците во егзил да бараат компензации од приватни лица и компании кои тргуваат со Куба. Од овој закон е изгласан во 1996 година, меѓутоа, досега беше изземена Европската Унија, главен трговски партнер на Куба, за да се избегнат тензии помеѓу ЕУ и САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави дека нема повеќе да го суспендира овој закон за Европејците и дека тој ќе стапи целосно во сила.

Европската Унија денеска предупреди дека оваа одлука на САД е спротивна на меѓународното право и дека ќе бидат преземени мерки.

– Ова ќе предизвика непотребни тензии и ќе ја поткопа довербата и предвидливоста во трансатлантското партнерство, реагираше утрово Европската служба за надворешна акција.

Европската Унија, стои понатаму во соопштението, смета дека екстратериторијалната примена на унилатералните рестриктивни мерки е спротивна на меѓународното право и ќе преземе соодветни мерки за да одговори на последиците од законот Хелмс-Бартон.

Пред неколку дена ЕУ и Канада заедно предупредија дека доколку законот стапи во сила денеска, илјадници судски постапки би можеле да бидат преземени против европски и канадски компании во Куба.