Македонија
27. May 2019 - 12:18

ЕУ-карванот тргна од Карпош

Основците од ООУ „Петар Поп Арсов“ се приклучија кон ЕУ-карванот, кој денеска тргна од скопската населба Карпош 4. Патувачкиот автобус на ЕУ, по повод Денот на Европа – 9 Мај, како дел од кампањата „ЕУ за тебе“, кој започна од 20 мај во Куманово, ќе посети уште седум града низ нашата држава.

Предводени од шефот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Самуел Жбогар, претставници од делегацијата и амбасадорите на Словенија, Франција, Холандија, Романија, Шведска, Хрватска, Бугарија и на Унгарија, до крајот на месецов ќе ги посетат и Свети Николе, Виница, Делчево, Струга, Дебар, Радовиш и Гевгелија.

Целта на патувачкиот автобус на ЕУ чии „патници“ се и студенти и претставници на медиуми од земјава е да се воспостави директна комуникација со граѓаните и да се поттикне дискусија за нивните очекувања во врска со Европската Унија и европската иднина на нашата земја.

Граѓаните ќе имаат можност да постават прашања поврзани со ЕУ, процесот на пристапување во Унијата, можностите за финансирање преку ИПА-фондовите и други програми на ЕУ за помош, преку директна комуникација со екипата на ЕУ-патувачкиот автобус. Посетите вклучуваат дебати со ученици од средните училишта за „Визијата на младите за Европската Унија“, велосипедски родео-активности за најмалите, како и други активности.

Во рамки на кампањата „За чисто како дома исто“, евроамбасадорот Жбогар ќе се сретне со еколозите и активистите од Охрид и Струга. Притоа, граѓаните можат да се регистрираат како екоактивисти и да учествуваат во акциите за чистење кои ќе се спроведат во нивните градови. Активистите и општините можат да учествуваат во т.н. предизвик „пред и потоа“, посочуваат од Општина Карпош.