Свет
8. March 2016 - 8:24

ЕУ и Турција постигнаа договор за бегалската криза

Челниците на Европската унија по повеќечасовни преговори утринава во три часот во Брисел ја завршија средбата со Турција посветена бегалската криза и договорија принцип на заеднички договор за управување со мигрантскиот прилив.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, лидерирте на државите членки на Унијата притоа го задолжија претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск во следните десет дена да преговора со Турција за деталите за тоа како да се дефинира конкретен договор што ќе стави крај на двегодишната криза со бегалците.

Во заедничката изјава на лидерите на ЕУ се вели дека „нерегуларниот проток на мигранти долж западнобалканската рута сега е завршен“, иако во нацрт-верзија се предвидуваше да стои дека „западнобалканската мигрантска рута сега е затворена“.

Сепак, под притисок на Грција и Германија, на крајот е прифатена верзијата дека е „завршен протокот на бегалци“ по рутата каде главна земја на транзит е токму Македонија, низ која за помалку од година и половина минаа речиси еден милион бегалци и мигранти.

Хрватскиот премиер Тихомир Орешковиќ, кој заедно со лидерите на Словенија, Австрија, Словачка, Чешка, Полска и Унгарија, инсистираше на „затворање“ на западнобалканската рута, по долгите синоќешни и утрински преговори со турскиот премиер Ахмет Давутоглу, изјави дека преминувањето на мигранти по овој пат „во принцип е запрено“.

Инаку, договорот ЕУ-Турција за решавање на бегалската криза што ќе треба да го доработат Туск и Давутоглу, предвидува Брисел меѓу другото да и даде дополнителни три милијарди евра на турската држава до 2018 година, покрај оние три милијарди евра што Унијата и ги вети во ноември минатата година.

Исто така, Унијата ќе треба да обезбеди укинување на визите за турските државјани до крајот на јуни оваа година, а клучен е договорот дека за еден бегалец или мигрант што ќе биде вратен од Грција во Турција, еден Сириец да се пресели директно од Турција во некоја од земјите на Европската унија.

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека „понудата на Турција да прифати илегални имигранти е можност за напредок во решавањето на мигрантската криза“.

- Водачите на ЕУ во принцип дадоа поддршка на предлогот на турскиот премиер Ахмет Давутоглу, но се уште треба повеќе работа, со цел да се стигне до конечен договор за Самитот на Европскиот совет што ќе се одржи идната недела на 17 март во Брисел, изјави Меркел.

Во заедничката изјава на лидерите на Унијата, исто така се наведува дека претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, врз основа на договорените принципи треба да ги утврди деталите со турската страна за да може договорот да биде усвоен на следниот самит на ЕУ на 17 и 18 овој месец.

Во соопштението исто така се вели и дека ЕУ „ќе и помогне на Грција да се справи со масовниот прилив на бегалци“ и дека ќе се обезбеди „ефикасен одговор на тешката хуманитарна ситуација на теренот“.

ЕУ се обврза да обезбеди дополнителна помош за Грција во управувањето со надворешните граници, вклучувајќи ги и оние со Македонија и Албанија, како и да се обезбеди правилно функционирање на центрите за сместување на бегалците со нивна стопроцентна идентификација, регистрација и безбедносни проверки, како и со обезбедување на доволно капацитети за прием.

- Европската гранична служба Фронтекс ќе започне дополнителен повик за национални службеници кои ќе функционираат во Грција како гости, што е можно поскоро и сите земји-членки треба да одговорат во целост, најдоцна до 1 април. Европол брзо ќе распореди полицајци гости на сите контролни точки за да се зајакнат безбедните проверки и за поддршка на грчките власти во борбата против шверцерите, се вели во заедничката изјава на лидерите на ЕУ.

Во договорот со Турција, првите луѓе на 28-те земји членки на Унијата, исто така се обврзаа дека ќе продолжат тесно да соработуваат со државите од Западен Балкан, кои не се членки на ЕУ „за да им ја обезбедат сета потребна помош“.

Исто така, договорено е спроведување на постојните договори за преселување и работа за веродостојна програма за доброволен хуманитарен прием со Турција и „преземање на сите неопходни мерки веднаш, во однос на отворање на било-какви нови правци на движење на бегалците“, како и „засилена борба против шверцерите“.

Во последната точка севели дека ЕУ тесно ќе соработува со НАТО кој веќе испорача голем број на бродови во Егејското Море за да се справува со шверцерите.