Балкан
8. October 2015 - 21:55

ЕУ го осуди насилството во косовскиот Парламент

Канцеларијата на ЕУ, специјалниот претставник на Унијата на Косово, амбасадите и канцелариите на државите членки на ЕУ заеднички го осудија насилството што денеска се случи во косовскиот Парламент, оценувајќи го како неприфатливо, пренесе Танјуг.

„ Ја осудуваме денешната акција на опозицијата во собранието и апелираме до нив да ги почитуваат основните принципи на демократијата и да овозможат слободна и отворена дебата во Парламентот за сите прашања во врска со Косово“, се наведува во заедничкото соопштение на Канцеларијата на ЕУ на Косово, специјалниот претставник на ЕУ и амбасадите, односно канцелариите на државите членки на ЕУ на Косово.

Насилните акции, како денешната во собранието, се за жалење, се наведува во соопштението и се додава дека секој има слобода да го изрази своето мислење и да ја брани својата позиција, но дека употребата на насилство е неприфатлива.

„Тоа не решава ниту еден проблем на Косово, туку само ги зголемува“, истакнуваат официјалните претставници од земјите членки на ЕУ.

Претходно насилството во Парламентот го осудија и Мисијата на ОБСЕ на Косово и американската амбасада во Приштина.