Свет
20. September 2016 - 12:53

ЕУ доби дозвола за самостојни санкции против ИД и Ал Каеда

Советот на ЕУ усвои правна рамка со која првпат Унијата ќе може самата да воведува самостојни санкции против групата Исламска држава (ИД) и против Ал Каеда, односно кон лица и субјекти што се поврзани или ги поддржуваат овие терористички организации.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, досега санкции можеше да се применат само за лицата и субјектите наведени од страна на Обединетите нации или од страна на земјите членки на ЕУ, кои во овој случај дејствуваа индивидуално.

Со оваа одлука на Советот на Унијата, ЕУ ќе биде во можност да воведе забрана за патување на поединци и замрзнување на имотот на лица и субјекти што се идентификувани дека се поврзани со ИД или со Ал Каеда. Ова значи дека сите нивни средства во границите на Европската унија ќе бидат замрзнати и дека државјани и субјетки на ЕУ ќе имаат забрана за какво било располагање со средствата и имотите на лицата поврзани со овие терористички организации.

Поединците и субјектите што се таргетирани се оние што учествувале во планирање или за извршување на терористички напади или ги обезбедувале ИД и Ал Каеда со финансии, нафта или оружје или пак добиле терористички тренинг од нив. Физички или правни лица, исто така може да бидат наведени за активности како што се вработување, акти на поттикнување или јавно провоцирање и активности за поддршка на овие организации или се вклучени во сериозни злоупотреби на човековите права надвор од ЕУ, како што се киднапирање, силување, сексуално насилство, присилни бракови и поробување на лица.

- ЕУ, исто така, ќе може да воведе рестриктивни мерки за лица што патуваат или кои сакаат да патуваат надвор од ЕУ, како и во ЕУ, а со цел да дадат поддршка на И и Ал Каеда или да добијат обука од нив. Ваквите мерки ќе се однесуваат особено на т.н. „странски борци“. Како резултат на тоа, ЕУ ќе може да го наведе секое лице кое ги исполнува критериумите, вклучувајќи ги и граѓаните на ЕУ што ги поддржуваат овие организации надвор од ЕУ, а кои потоа ќе се вратат во границите на Унијата. Забраната за патување ќе ги спречи останатите лица да влезат во која било земја членка на ЕУ. Во случај на државјанин на Европската унија, забраната за патување ќе го спречи наведеното лице да патува во која било земја членка на ЕУ, освен во земјата членка чиј државјанин е, се наведува во соопштението на Советот на Унијата.

Врз основа на договор за составување на листа со овие лица, предлозите од земјите членки, лицата и субјектите ќе бидат наведени со одлука на Советот и според регулативата на Советот, ки ќе бидат едногласно усвоени.