Свет
4. March 2021 - 19:25

ЕУ блокира испорака на вакцини на АстраЗенека за Австралија

Европската комисија и Италија блокираа испорака на вакцини на АстраЗенека за Австралија, бидејќи овој производител не ги исполнил обврските од договорот со ЕУ.

Според западните медиуми, АстраЗенека побарала дозвола од италијанските власти за извоз на 250.000 дози од фабриката Анагни во близина на Рим. Италијанската Влада одбила да издаде дозвола, а Европската комисија ја поддржала.

Европската унија првпат ја користи можноста за забрана на извоз на вакцини против Ковид-19.

Унијата во јануари воспостави регистар за следење на извозот на вакцини во рамки на меѓусебниот спор со британско-шведскиот производител, со цел да се следи дали компанијата ги исполнува своите договорни обврски кон ЕУ.

Тој механизам им дозволува на властите во одделни земји-членки на Унијата, во консултација со ЕК, да блокираат извоз кон локација надвор од ЕУ доколку блокот смета дека производителот не ги исполнува обврските кон него.

АстраЗенека се уште не ги испорачала во ЕУ ветените дози на вакцини, а предвидените испораки од 80 милиони двојно ги намалила на 40 милиони дози, со образложение дека се соочува со проблеми во производството.

Поради сомнеж дека вакцините произведени во ЕУ им се продаваат на земји надвор од Унијата, воспоставен е регистар за следење на извозот на вакцини.