Свет
3. April 2017 - 15:22

ЕУ: Асад не може да остане на власт по политичката транзиција во земјата

Министрите за надворешни работи на Европска унија на денешната средба во Луксембург го потврдија ставот на ЕУ дека сирискиот претседател Башар ал Асад не може да остане на власт по политичката транзиција.

- Остануваме на досегашниот став, не сметам дека Асад има иднина, иако за тоа треба да одлучи сирискиот народ, изјави шефот на холандската дипломатија Берт Кундерс.

Дипломатите повторија дека со актуелниот режим невозможен е траен мир во Сирија.

- Неопходен е вистинска политичка транзиција. Франција не може да замисли дека на крајот на политичкиот процес, кога станува збор за градење на иднината на Сирија, земјата може да биде раководена од Асад, одговорен за сегашната ситуација, за смртта на повеќе од 300.000 луѓе, за затворениците, за тортурара, за уривањето на земјата, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Марк Еро.

И високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини наведе дека „по 6,5 години војна апсолутно нереално е да се мисли дека иднината на Сирија ќе биде иста како претходно“.

И таа напомна дека за иднината на земјата треба да решат Сиријците.

- Секогаш сме кажувале дека Сиријците се тие кои треба да одлучат кој ќе биде нивен претседател, каква влада ќе имаат, посочи германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел.

Во заклучоците од денената средба, што се одржува пред меѓународната конференција за хуманитарна помош и обнова на Сирија во Брисел, министрите за надворешни работи на ЕУ ги повикаа сите земји да се приддржуваат до договорот од Астана и побараа од Русија, Турција и Иран да ги реализираат преземените обврски како гаранти на примирјето.