Бизнис
25. јуни 2022 - 16:35

ЕСМ ја правда повисоката цена на струјата со светските берзи и недостатокот на енергенси

Енормното поскапување на енегренсите и нивната недостапност се главните причини поради кои ЕСМ побара покачување на струјата за 17%.

„Цените на мазутот, јагленот, гасот и електричната енергија забележуваат исклучително поскапување и тешкотии при набавката, што влијае врз производната цена на електричната енергија од АД ЕСМ“, стои во соопштението од ЕСМ.

Потенцираат дека понудената цена од 48 евра за мегават час е неспоредлива со берзанската која се движи од 320 до 360 евра.

Во меѓувреме од комората за енергетика предупредија - граѓаните да се подготват за повисоки сметки за струја. Велат дека ќе следи нов ценовен шок затоа што државата не успеа навреме да организира сопствено производство на струја.

„Ќе настане сериозна енергетска криза која што граѓаните ќе може да ја осетат од август месец или поточно првите сметки коишто ќе се појават од крајот на август или почетокот на септември.“ – Ѓорѓи Манасков, претседател на комора за енергетика.

Зголемување на цената побараа и од МЕПСО за 70, и од електродистрибуција за дури 80%.

„Веќе сме оставени на милост и немилост и одиме на моментот да што е можно повеќе се прикачиме на берзанските цени, а тие се страшно високи и ако дојдеме на тој момент, тогаш цените би отишле многупати нагоре. Процентуално, тогаш нема да биде 20-30%, туку три до петпати повеќе, 100-200% цените да одат нагоре“.

Од опозицијата, пак, велат дека причина за поскапата струја е недомаќинското работење на власта.

„Ќе следи драстично зголемување на цената на струјата за над 20% и тоа е резултат на неспособноста на власта, која наместо за тендери, изминативе години во РЕК Битола требаше да врши ископ на јаглен и да произведува електрична енергија. Цената на ваквото неодговорно однесување ќе ја плаќаме ние граѓаните“ – Марија Митева, ВМРО–ДПМНЕ.

Регулаторна следната недела треба да ја формира цената на струјата за потрошувачите. Покрај тоа, треба да се прецизираат и границите на 4-те блок тарифи според системот кој повеќе троши – повеќе плаќа.