Свет
18. November 2020 - 12:13

Есенскиот бран на коронавирус во Европа донесе црни рекорди

Земјите од Западен Балкан се тешко погодени од коронавирусот со висока стапка на дневно новозаразени и смртни случаи, многу повеќе отколку на почетокот на пандемијата пролетоска. Есенскиот бран носи црни рекорди во Европа, а САД остануваат најзасегната земја во светот, и по бројот на позитивни и по смртност.

Светската здавствена организација соопшти дека над 55 милиони луѓе во светот се заболени од коронавирусот, а дека над милион и 300 илјади се починати. Рапидното зголемување на заразените и починати лица се должи на силниот бран на вирусот, како и неможноста на државите целосно да го спречат неговото ширење, па затоа пристапуваат кон нови рестриктивни мерки, со цел да ја намалат неговата експанзија, се додека светот не започне имунизација со вакцина.

Српскиот епидемиолог и член на Кризниот штаб Предраг Кон денеска изјави дека здравствениот систем на Србија е на работ на колапс и апелираше на сите граѓани, посебно на младите, да ги почитуваат мерките за сузбивање на вирусот.

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека очекува денеска да има „нов црн рекорд“, со над пет илјади новозаразени. Таа утрово рече дека ги видела податоците, и тие се полоши и од вчера.

И Бугарија пријави црн рекорд, кога се во прашање смртните случаи од Ковид-19. Во изминатите 24 часа во таа земја починаа 131 пациент, а од почетокот на пандемијата вкупно 106.598.  Потврдени се уште 4.828 нови случаи, или вкупно 106.598 позитивни. Стапката на позитивност е 41,58 отсто.

Бројките кои се објавени во последните 24 часа покажуваат дека нема држава која е имуна на вирусот, и дека нема здравствен систем кој може ефикасно да се справи со ширењето на заразата. Имено, Во Швајцарија, во последните 24 часа се потврдени нови 4 560 случаи на коронавирус, објавено е на официјалната веб-страница за следење на епидемијата. Од последниот пресек на податоци починале 142 лица. Франција го надмина прагот од два милиона заразени со новиот коронавирус од почетокот на епидемијата.

Австрија повторно е во карантин. Улиците во големите градови се напуштени, а мерките за заштита ќе траат три недели и се слични на наметнатите во март. Само продавници за храна, аптеки и банки можат да им служат на клиентите.

– Секако, малку сме исплашени, но барем знаеме дека ќе можеме повторно да се отвориме на 8 декември. Ова ни дава многу повеќе надеж од првиот карантин, барем тоа е зрак светлина, вели Теодор Ваничек, сопственик на продавница во Виена.

Луѓето мораат да останат дома и можат да излегуваат само да одат на работа, да извршуваат итни задачи или да спортуваат. Сите училишта се префрлија на учење на далечина, но за разлика од март, учениците се уште можат да одат на училиште ако им треба помош од наставникот или немаат услови дома за учење.

Еден ден откако федералните и провинциските власти во Германија одлучија да ја одложат одлуката за продолжување на ограничувачките мерки за 25 ноември, канцеларката Ангела Меркел изрази загриженост за ширењето на коронавирусот.

-Ситуацијата во моментот е се уште сериозна и дури би рекла многу сериозна. Пандемијата не погодува низ целиот свет и во моментов е потешка на северната хемисфера отколку на југот. Значи, треба да ги намалиме контактите, рече таа.

Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган соопшти дека Турција, поради зголемениот број случај на зараза со коронавирусот, ќе воведе полициски час кој ќе се однесува на викендите и ќе трае од 20 часот навечер до 10 часот наутро, јавуваат турските медиуми. Поради мерките, одделни дејности како фризерските салони, трговските центри, рестораните и продавниците ќе мора да го прилагодат работното време. Покрај полицискиот час, Турција реши да ги затвори училиштата, па сè до крајот на полугодието наставата ќе се одвива онлајн.

Во Турција има 421.413 случаи на коронавирус, од кои 359.063 од оздравеле, а починале 11.704 луѓе. Вкупно 3.657 лица се во критична состојба.

Во Словенија, 43 лица починаа од коронавирус во последните 24 часа, а потврдени се рекордни 2.013 нови случаи, објавено е на владиниот профил на Твитер. Словенечката влада ги продолжи мерките против епидемијата за уште 30 дена во кои ќе може да се преземат активности за забавување на ширењето на вирусот.