Свет
10. December 2016 - 15:46

Еро: Сириската опозиција е подготвена за продолжување на преговорите без предуслови

Францускиот министер за надворешни работи Жан Марк Еро денеска изјави дека сириската опозиција е подготвена „без предуслови“ да ги продолжи мировните преговори за конфликтот во оваа земја со владата на Башар ал-Асад.

Како што пренесуваат светските агенции, тоа било договорено утринава по состанокот на западните земји и претставниците на сириската опозиција во Париз, во текот на консултациите со шефот на сирискиот Висок национален комитет Ријад Хијаб.

-Тој (Хијаб) изјави дека опозицијата е подготвена да ги продолжи преговорите без било каков предуслов. Тоа е сугестија што треба да биде прифатена, рече Еро.

Продолжувањето на мировниот процес во оваа арапска земја е главниот приоритет на Групата пријатели на Сирија, рече Еро и додаде дека е неопходно да се  направат рамковни услови за правата транзиција во политичкиот процес, што ќе го гарантира мирот во Сирија.

-Неопходно е да продолжат преговорите темелени на резолуцијата 2254 на СБ на ОН. Сите страни мораат јавно да докажат дека се подготвени за учество во овие преговори, заклучи  Еро.