Свет
8. March 2017 - 9:50

Ерменија бара од меѓународната заедница да го зголеми притисокот врз Азербејџан

Ерменскиот претседател Серж Саркисјан, кој се наоѓа во посета на Париз, ја повика меѓународната заедница да го зголеми притисокот врз Азербејџан, со цел да се избегне војна во сепаратистичкиот регион Нагорно Карабах, околу чиј суверенитет спорат двете земји.

- Заканата од нова војна е постојана и ќе постои се додека Азербејџан не сфати дека конфликтот нема воено решение, изјави Саркисјан.

Опасноста од ерменско-азербејџанска војна за контрола врз Нагорно Карабах се појави повторно по убиството на најмалку 110 лица, војници и цивили, за време на борбите во април 2016 година. Спротивставените страни потпишаа примирје во Москва, но во близина на линијата на разграничување се уште има судири.

Шефот на ерменската држава, кој ќе разговара со францускиот претседател Франсоа Оланд, го обвинува својот азербејџански колега Илхам Алиев дека го спречува секој дипломатски напредок по ова прашање и постои закана во секој момент да се обнови конфликтот.

- Алиев вели дека Азербејџан нема да започне војна доколку Ерменија ги исполни неговите барања. Јас, пак, велам дека тоа е уцена, а не барање компромис, објасни Саркисјан.

Тој побара од Париз, Москва и Вашингтон „да се изјаснат каква цена ќе треба да плати една од инволвираните страни доколку започне офанзива“.