Балкан
15. February 2021 - 21:42

Ерјавец: Пратениците можат да гласаат за нормална Словенија

Лидерот на Партијата на пензионери (ДеСУС), Карл Ерјавец, кандидат за премиер, смета дека пратениците имаат можност да гласаат за нормална и демократска Словенија кога подоцна вечерва тајно ќе се изјаснат за доверба во Владата на Јанез Јанша.

Според повеќето медиуми и аналитичари, мали се шансите опозицијата да го добие потребното мнозинство од 46 гласа во парламентот со 90 члена.

Говорејќи во Парламентот, Ерјавец рече дека целта на неговата нова влада ќе биде Словенија повторно да стане нормална држава, истовремено зајакнувајќи ја довербата во сите три гранки на моќта, експертите и научните факти, јави СТА.

Тој истакна дека изгласувањето недоверба на цела влада е многу ретко во словенечката парламентарна историја.

Опозицијата ја обвинува владата за непочитување на основните принципи на Уставот на земјата, вклучително и поделба на власта и слобода на печатот и загрозување на остварувањето на човековите слободи и владеењето на правото во земјата.