Балкан
3. March 2016 - 12:15

Ерјавец останува министер за надворешни работи на Словенија

Шефот на словенечката допломатија Карл Ерјавец денеска рано наутро го преживеа гласање за недоверба кое го покрена опозицијата, обвинувајќи го за „саботажа и фијаско“ на арбитражниот договор со Хрватска и низа други грешки во надворешната политика.

На крајот на парламентарната расправа, која траеше 16 часа, за разрешување на Ерјавец гласаа 20 пратеници на опозицијата, додека 51 пратеник од владејачката коалиција беа против. 

За гласањето за недоверба да биде успешно, потребни се 46 пратенички гласови.

Пратеникот на демохристијанската Нова Словенија, Матеј Тонин за време на расправата рече дека Ерјавец со неодговорните изјави ја довел до прекин арбитражната постапка и дека требало „да отстапи од местото веднаш откако во јуни минатата година се објавени тајни разговори на тогашниот словенечки арбитар Јернеј Секолец и службеничката од Министерството, Симона Дреник“. 

Тонин додаде  дека тој не го направил тоа, туку дека на нив се обидел да ја префрли одговорноста за „арбитражното фијаско“ ,пренесува Хина. 

Ерјевец рече дека покренувањето на иницијативата за недоверба е „политички памфлет без темели“, истакнувајќи дека работел во интерес на Словенија. 

Што се однесува на арбитражата од која излезе Хрватска, Ерјевец рече дека се надева дека овој месец ќе биде донесена одлука со која постапката ќе се продолжи. 

Освен за постапките во арбитражата, опозицијата тврди дека Ерјавец е одговорен и за конечниот резултат на спорот за долговите на Љубљанска банка, која според пресудата на Европскиот суд треба да ги врати парите на своите штедачи во Хрватска и Босна и Херцеговина.