Балкан
5. July 2016 - 17:14

Ердоган за плановите за доделување турско државјанство за сириските бегалци

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска говореше за плановите за давање турско државјанство на некои од сириските бегалци, особено на оние кои имаат одредени квалификации, кои можат да бидат од корист за Турција.

- Западните држави ги отвораат вратите за таквите квалифицирани лица и тие немаат друг избор освен да заминат на Запад, кога ние не им ја даваме можноста да добијат државјанство. Ние би можеле да имаме корист од нивното знаење, рече Ердоган, откако се помоли во џамија во Истанбул. 

- Има висококвалификувани експерти меѓу сириските бегалци во Турција. Давањето државјанство ќе биде од корист и за интересите на Турција и ќе го зголеми нивниот животен стандард, рече Ердоган. 

Анкара и претходно најавуваше дека ќе ги олесни процедурите за добивање дозволи за работа за сириските мигранти и мигрантите од други држави. Во текот на викендот турскиот претседател изјави дека Сиријците во Турција ќе можат да добијат турско државјанство. Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи презело чекори во таа насока.

Околу 260 илјади од вкупно три милиони сириски бегалци во Турција живеат во кампови, изградени од турската држава, а останатите живеат на различни места, претежно во големите турски градови.