Балкан
2. November 2017 - 17:43

Ердоган: Во судирите меѓу безбедносните сили и ПКК загинаа вкупно 30 лица

Во судир меѓу турските безбедносни сили и курдските милитанти, во два округа во југоисточна Турција, биле убиени вкупно 30 лица - осум членови на безбедносните сили и 22 милитанти, изјави претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган.

Судири избија изутринава во близина на градот Шемдинли во турскиот округ Хакари, кој се наоѓа на границата со Ирак, откако безбедносните сили забележале група бунтовници, кои подготвувале напад. Шестмина турски воени и двајца припадници на локалната полиција, поддржана од турската држава, загинале во судирите.

Ердоган, за време на говорот во Анкара, соопшти дека 17 курдски борци биле убиени во судирите, а пет други борци загинале во судирите во округот Тунчели.

Во својот говор, Ердоган вети дека ќе продолжи со операциите против ПКК.

- Ние ќе продолжиме со нашата борба против нив се додека овие терористи не бидат уништени и не исчезнат, рече шефот на Турција

Борците на Курдистанската работничка партија (ПКК) водат вооружена борба против турската држава од 1984 година. ПКК е терористичка организација за Анкара, за ЕУ и за САД. Насилството продолжи во 2015 година по неуспехот на двегодишниот мировен процес.