Балкан
5. January 2018 - 8:16

Ердоган во посета на Франција

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска ќе престојува во посета на Париз, каде ќе има средба со шефот на француската држава Емануел Макрон.

Посетата доаѓа во време кога од Анкара доаѓаат сигнали за подготвеност за подобрување на односите со Европската унија, по тензиите и меѓусебните обвинување во текот на минатата година.

Престојот на Ердоган во Париз аналитичарите го оценуваат како негова најважна посета на една членка на ЕУ по неуспечниот обид за воен удар во Турција во јули 2016 година.

Според најавите од Анкара, на средбата Макрон-Ердоган ќе стане збор за билатералната соработка и за регионални теми, пред се за конфликтот во Сирија и за прашањето за статусот на Ерусалим, по одлуката на САД за негово признавање како главен град на Израел.  

Од друга страна, Елисејската палата соопшти дека Макрон во разговорите ќе го покрене и прашањето за почитување на човековите права и за положбата на затворените новинари во Турција.

Односите меѓу Турција и ЕУ се влошија по серијата мерки што ги презедоа турските власти по несушелниот обид за пуч, што од западните земји беше оценето како масовни чистики на неистомислениците. Мерките на Анкара доведоа и до запирање на преговоирте за членство на Турција во ЕУ.