Балкан
12. March 2017 - 12:42

Ердоган: Турција, САД и Русија можат заедно да се борат против Исламска држава во Сирија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оцени дека е можно обединување на силите на неговата земја, коалицијата предводена од САД и Русија во борбата против „Исламска држава“ во Сирија, пренесе ТАСС.

- Сметаме дека во операциите против ИД во Сирија, вклучувајќи и во градот Рака, можеме да работиме заедно, рече Ердоган пред новинарите во авионот на враќање од посетата на Москва, каде на 10 март со претседателот на Русија Владимир Путин учествуваше седница на Советот за соработка на високо рамниште.

Според зборовите на Ердоган, основа за таквата соработка може да биде формирана во контекст на работата на генералштабовите на Турција, САД и Русија.

Турскиот претседател исто така, истакна дека со поддршка на коалицијата, како и вклучувањето на Русија во операцијата во Манбиџ, овој регион лесно може да се исчисти од единиците на партијата Демократска унија и „Силите за заштита на народот“, составени од сириски Курди.

Анкара ги смета Демократската унија и „Силите за заштита на народот“ за терористичките организации и сириски ограноци на забранетата во Турција - Курдиска работничка партија (ПКК).