Балкан
2. May 2017 - 14:49

Ердоган: Турција нема за што да разговара со ЕУ се додека не се отворат нови поглавја во преговорите

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека ЕУ треба да отвори нови поглавја во преговорачкиот процес за членството на Турција во ЕУ, бидејќи во спротивен случај Анкара нема за што да разговара со Унијата и ќе каже „довидување“, пренесоа британските медиуми.

Тој овие коментари ги даде откако еврокомесарот за проширување Јоханес Хан изјави дека Турција под раководната палка на претседателот Ердоган го свртела грбот за приклучувањето кон ЕУ.

-Од сега па натаму нема други опции освен отворање на поглавјата кои досега не се отворени. Доколку не ги отворите, довидување, рече Ердоган на церемонијата по повод неговото враќање во владеачката Партија на правдата и развојот (АКП).