Балкан
14. March 2016 - 8:35

Ердоган: Тероризмот ќе биде фрлен на колена

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа, после бомбашкиот напад во Анкара, во кој беа убиени 35 лица, порача дека борбата против тероризмот ќе биде завршена со успех и дека „тероризмот ќе биде фрлен на колена“.

Ердоган истакна дека нападите нема да ја ослабат одлучноста во борбата против тероризмот и дека Турција никогаш нема да отстапи од правото да се брани себе си и своите граѓани.

- Нашиот народ не треба да се грижи, борбата против тероризмот сигурно ќе се заврши со успех и тероризмот ќе биде фрлен на колена, рече Ердоган и повика на национално единство, пренесуваат американските медиуми.

Ердоган наведе дека Турција стана цел на терористички напади заради нестабилноста во регионот во изминатата година.

- Терористичките организации, кои напаѓаат недолжни граѓани, ја губат битката против нашите безбедносни сили, рече Ердоган и нагласи дека нападите само ја засилуваат одлучноста на Турција во борбата против тероризмот, пренесоа британските медиуми.

Најмалку 35 лица синоќа загинаа, а 125 се ранети во силната експлозија на автомобил-бомба што го потресе центарот на Анкара, соопштија турски претставници.

Турскиот министер за здравство Мехмет Муезиноглу кажа дека меѓу жртвите има најмалку еден до двајца напаѓачи.

Според него, меѓу ранетите, 19 лица се наоѓаат во критична состојба.

Турски министер за внатрешни работи, Ефкан Ала, потврди дека во прашање е експлозија на автомобил-бомба, чија цел биле луѓе на автобуска постојка.

Ала најави дека името на организацијата одговорна за нападот ќе биде соопштено по завршувањето на истрагата, што се очекува денеска. Тој наведе дека ниту во една земја не може да има 100-отстотен успех во спречувањето на терористички напади.

Засега никој не ја презеде одговорноста за експлозијата која одекна во парк, а неименуван преставник наведе дека прелиминарните резултати од истрагата укажуваат дека екстремистичката Курдска работничка партија или некоја група поврзана со неа е одговорна за нападот.

После експлозијата се слушнало и пукање, наведуваат британските медиуми.

Весникот „Хуриет“ додава дека еден број возила бил запален, а на местото на експлозијата стигнале многу амбулантни возила.