Свет
25. March 2018 - 19:01

Ердоган: Следна цел на турската воена операција во Сирија е градот Тел Рифат

Вооружените сили на Турција наскоро ќе воспостават контрола над сирискиот град Тел Рифат, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

- Во наредните денови ќе биде воспоставена контрола над градот Тел Рифат и на тој начин ќе бидат постигнати целите на операцијата „Маслиново гранче ", посочи турскиот претседател.

Вчера, Ердоган истакна дека Анкара е подготвена за нови воени операции во Сирија.

Турција на 20 јануари ја почна  операцијата „Маслиново гранче" во реонот на Африн, насочена против сириските курдски милиции Сили за заштита на народот и Партијата за демократски сојуз, кои Анкара смета за терористички организации, поврзани со забранетата Курдска работничка партија.