Балкан
21. October 2017 - 21:41

Ердоган: САД не се цивилизирана земја

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека САД „не се цивилизирана земја“, поради судскиот процес кој американските власти го покренаа против неговите телохранители.

- Жалам, ама јас оваа земја веќе не ја сметам за цивилизирана, изјави Ердоган, коментирајќи го инцидентот кој се случи во јули во Вашингтон, кога телохранителите на Ердоган се судрија со група курдски демонстранти собрани пред турската амбасада во Вашингтон. Ердоган изјави дека тој бил поканет во официјална посета на САД и дека не може да толерира насилни протести против него.

Снимките од тепачката, на кои се гледа како телохранители на Ердоган удираат демонстранти, предизвикаа бурни реакции во САД и повици да се покрене судски процес против телохранителите, јавува новинската агенција ДПА. Односите меѓу Турција и САД дополнително се влошија по неодамнешното апсење на еден од вработените во американската амбасада во Анкара кој бил ангажиран на реформи на турското правосудство, поради наводна поврзаност со мрежата на Фетула Гулен. Турција бара од САД да го уапси и екстрадира Гулен, кој живее во американската сојузна држава Пенсилванија, од каде раководи со својата мрежа на компании и училишта. Според Турција, Гулен е главниот виновник за минатогодишниот крвав обид за државен удар во Турција. Како резултат на апсењето, двете држави заемно го ограничија издавањето на визи.

Односите се влошени и поради американската поддршка на курдските вооружени групи во Сирија и Ирак.

- Американците за себе велат дека се лулка на демократијата. Ваква земја не може да се смета за демократска, изјави Ердоган за време на денешното обраќање на универзитетот Ибн Халдун во Истанбул. Турскиот претседател воедно го осуди американскиот претседател Доналд Трамп за забраната за издавање визи на низа главно муслимански држави, како и поради употребата на изразот „исламски тероризам“.