Свет
25. October 2020 - 19:05

Ердоган продолжи со критиките за Макрон: „Тој треба да биде подложен на испитувања“

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска повторно изрази сомнеж за менталното здравје на Емануел Макрон, еден ден откако изнесе сличен став кон францускиот претседател, што предизвика бурна реакција од Париз.

За време на денешното телевизиско обраќање, Ердоган рече дека францускиот претседател е деноноќно опседнат со него.

„Макрон е случај и навистина треба да биде подложен на испитувања“, рече турскиот претседател.

Ердоган неодамна ја оцени како провокација изјавата на Макрон за „исламистичкиот сепаратизам“ и потребата Франција да го структурира исламот, бидејќи властите во Париз подготвуваат закон за тоа прашање.

Турскиот претседател тогаш го осуди односот на Макрон кон муслиманите за време на телевизиското обраќање во саботата.

„Сè што можеме да кажеме за шефот на државата кој третира милиони припадници на различни верски заедници на овој начин е – одете на прегледи за ментално здравје“, рече Ердоган и додаде дека на Макрон му треба третман.

Минатата недела, на комеморацијата на убиениот учител Самуел Пати, францускиот претседател рече дека земјата „ќе продолжи да ги брани карикатурите“.

Пати беше убиен од исламист затоа што им покажал карикатури на муслиманскиот пророк Мухамед на учениците на часот за слободата на изразување.

Како одговор на изјавата на Ердоган во саботата, која беше оценета како неприфатлива, Франција го повика својот амбасадор во Анкара на консултации и тоа се случува за прв пат по воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

Париз и Анкара имаат различни ставови за голем број меѓународни прашања, како што се тензиите во источниот Медитеран, конфликтите во Либија и регионот Нагорно Карабах, каде што Турција го поддржува Азербејџан против Ерменија.