Балкан
23. July 2017 - 20:22

Ердоган пристигна во Џеда на разговор со саудускиот крал Салман за кризата со Катар

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска пристигна во саудискиот пристаништен град Џеда на разговори со саудискиот крал Салман бин Абдул Азиз Ал Сауд за дипломатската криза околу Катар, пренесе ТАСС.

Пред заминување Ердоган изјави дека Саудиска Арабија во најголем степен ја сноси одговорноста за решавање на кризата. При тоа тој ја потенцира подршката која Турција му ја дава на емирот на Кувајт шеик Сабах ал Ахмад ал Џабер ас Сабах, кој се јавува како посредник во кризата.

Ердоган подоцна денеска ќе се сретне и со емирот на Кувајт,  а во понеделник ќе замине и за Катар, каде ќе биде примен од емирот шеик Тамим бин Хамад Ал Тани.

Целта на дводневната обиколка на Ердоган на земјите од Заливот, вовлечени во кризата, е воспоставувањето на дијалог, посочуваат извори од Анкара.

Турција е петата држава која од почетокот заострувањето на односите во Заливот значително ги засили дипломатските контакти со цел да дојде до приближување на позициите на земјите. Претходно со истата цел земјите од Заливот беа посетени од шефовите на дипломатиите на Германија, Велика Британија и Франција и од американскиот државен секретар. Во разговорите со арапските претставници западните министри за надворешни работи изразуваа непроменета поддршка за кувајтското посредништво, повикувајќи ги земјите на деескалација и дијалог.

Саудискиот министер за надворешни работи Адел бин Ахмед ал Џубеир, во саботата изјави дека позицијата на Ријад и неговите сојузници останува непроменета, односно надминувањето на разликите во Советот за соработка на арапските држави од Заливот (Бахреин, Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Оман и Саудиска Арабија) треба да се случи во рамки на сојузот.

Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет минатиот месец ги прекинаа своите дипломатски односи со Катар и му наметнаа санкции, отако го обвинија за финансирање на екстремистички групи и поддршка на тероризмот.

Доха експресно го отфрли ова обвинение.

Ердоган, инаку, е силен поддржувач на Катар во спорот со неговите арапски соседи од Заливот.