Балкан
10. April 2017 - 9:38

Ердоган: Пристапувањето кон ЕУ ќе биде ставено на маса по референдумот

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека прашањето за пристапување на земјата кон Европската унија повторно ќе биде ставено на маса по референдумот за проширување на претседателските надлежности.

Во говор во Измир, Ердоган ја спореди Европа со „пациент“, користејќи погрден израз, кој го употребувале политичарите во текот на 19. век, кога го опишувале пропаѓањето на Отоманското царство.

Тој уште еднаш се закани дека по референдумот, кој ќе биде одржан на 16 април, ќе воведе смртна казна, доколку законот биде изгласан во Парламентот, со што автоматски ќе се стави крај на обидите на Турција да се приклучи кон ЕУ.

- Европа ќе плати за она што го сторила. Ако Бог даде, прашањето на ЕУ повторно ќе биде ставено на маса по 16 април, рече Ердоган. 

Тој нагласи дека Турците, кои живееле во Европа се „потиснати и поразени“. - Ако Бог даде тие ќе одговараат на нашите луѓе, порача претседателот на Турција. 

- Тие пред еден век рекоа дека ние сме „пациент“ (од Босфорот). Тие сега се „пациент“. Европа се урива, заклучи Ердоган.