Свет
6. July 2017 - 9:15

Ердоган ја потврди поддршката на Турција кон Катар во спорот со арапските соседи

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ја потврди поддршката на неговата земја за Катар во спорот со четирите арапски држави, пренесоа британските медиуми.

Во интервју за француската телевизија „Франс 24“, барањата на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет кон малиот, но богат и влијателен емират Ердоган ги оцени како неприфатливи.

-Нивното реализирање би било еднакво на откажување од суверенитетот, подвлече тој.

Четирите земји го обвинија Катар дека го поддржува тероризмот и дека се зближил со нивниот регионален соперник Иран, и ги прекинаа своите дипломатски и економски врски со него.

Емиратот ги отфрли овие обвиненија и не ги реализира 13-те барања на своите арапски соседи.

На средба во Каиро министрите за надворешни работи на четирите држави вчера се воздржаа од наметнување нови санкции против Катар. Тие, меѓутоа, изразија разочарување од фактот дека земјата не ги исполни нивните барања, и покрај истекување на крајниот рок.

Меѓу 13-те услови е и Катар да се откаже од спогодбата според која Турција има воена база на негова територија, забележаа британските медиуми.