Македонија
17. April 2019 - 17:10

Епидемиолошките мерки во Прилеп се почитуваат - вратени деца од градинка кои не примиле вакцина за морбили

Градинките во Прилеп од денеска не ги примаат децата кои не се вакцинирани од МРП вакцината. Двете деца на Емилија Талеска беа вратени од градинката „Наша Иднина“ поради тоа што ќе полнат 1 година за 10 дена и дури тогаш ќе ја примат оваа вакцина. Талеска апелира сите родители редовно да ги вакцинираат децата.

„Треба сите да се вакцинираат, еве нашиве немаат година, ама не смееме да го носиме сега во градинка. Треба да чекаме дури до идната недела. Ако нема кој да ги чува, што ќе му правиме, поради тие кои не вакцинираат деца“, кажа Емилија Талеска, родител.

Од градинката велат дека уште со самото запишување на децата им ги барале картоните за имунизација, без примени вакцини воопшто и не запишувале. Сега по епидемијата на морбили таа контрола била и зголемена.

„Моментално во градинките во Прилеп нема случаи на заболени деца од морбили. Се проверуваат досиејата. Малку поголема е контролата, да видиме каква е состојбата за вакцинирани деца од морбили и можам да кажам дека скоро и да нема деца кои не се вакциинирани, мал е тој број“, истакна Гордана Бошкоска, раководител во градинките „Наша Иднина“ Прилеп.

Во одделението за вакцинација при Здравствениот дом зголемен е бројот на дeцa кои се носат да ја примат потребната МРП вакцина.

„Се плашиме од ваквите состојби и затоа редовно си ги вакцинираме децата и мислам дека сите родители треба тоа да го прават“, кажа Андријана Кедиоска, родител.

„Би требало сите да ги вакцинираат, она штро треба да се направи, треба да се направи“, рече Бајрам Селимоски, родител.

Лекарите се задоволни, процентот на вакцинираност на децата од првата доза од МРП вакцината е 92% ќе се упатувале и барања и до другите 8 до 10 % да се вакцинираат во најбрз можен рок.

„Овие денови родителите ги носат и децата под 12 месеци, се уште не сме почнати со таа возрасна група, се надеваме дека наредните денови ќе започнеме со опфат и на овие деца“, изјави д-р Далија Мирческа Ангелеска.

Инаку во Прилеп од 1 јануари до денес има само 4 случаи на морбили, од кои двајца моемнтално се хоспитализирани во Иинфективното одделение при Општата болница.