Македонија
12. July 2019 - 17:15

Епидемијата од морбили стивнува - Не патувајте на одмор во странство без вакцина

Морбилите не се повеќе сериозна закана за скопјани. Во главниот град е создаден колективен имунитет со масовното вакцинирање во текот на епидемијата. Од почетокот на годината досега МРП примиле околу 16 000 деца. Но епидемиолозите предупредуваат – слаб е одзивот во внатрешноста каде сеуште има 10 000 невакцинирани против мали сипаници.  

-Во Скопје останаа околу 300, и сега опфатот е 98 проценти што значи има колективен имунитет. Но опасност се тие од другите градови и тоа мора да го подобриме, вели др. Жарко Караџовски, епидемиолог во ИЈЗ

Епидемиолозите ги поддржуваат препораките на Светската здравствена организација граѓаните да не патуваат во други земји без примена вакцина. Советот на СЗО е патниците да бидат вакцинирани најмалку 15 дена пред патувањето. 

-Земјите сакаат да се заштитат, не сакаат некој болен да им влезе и прошири заразна болест и таа препорака е во ред и затоа е потребен вакциналниот картон, вели Караџовски.

Од Институтот за јавно здравје велат дека епидемијата со морбили стивнува. Минатата недела регистрриале само 10 случаи, од кои дури 9 не биле вакцинирани или имале само една доза од вакцината. 

Годинава поради компликации од мали сипаници починаа 4 деца а голем број заболени завршија во болница.