Македонија
19. December 2018 - 19:16

Епидемија на морбили прогласена во Радишани

Епидемијата на морбили во Радишани прогласи Министерството за здравство по појавата на пет заразени дечиња од градинката Ташко Караџа. Од мали сипаници заболел и еден возрасен кој бил во роднински врски со едно од децата. Јавната установа од денеска е со клуч на врата и 15 дена ќе биде затворена.

Ваква препорака до министерството за труд и социјала дале здравствените власти за да го спречат ланецот на ширење на заразата. Ниту едно од децата кои заболеле од морбили не биле вакцинирани со МРП. Две од нив се задржани на Клиниката за инфективни болести а останатите се на домашно лекување. Министерот за здравство во изјава за Сител вели дека ќе ги преземат сите превентивни мерки за заштита.

-Градинката ќе биде затворена, ќе биде направена дезинфекција и се препорачува на родителите да не ги носат децата од оваа градинка во други градинки. Колективниот имунитет е паднат, само 60проценти е опфатот со МРП во Скопје, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче вели дека ова е последица од неколкугодишните антивакцинални кампањи поради кои и дошло до опаѓање на колективниот имунитет. Повторно најави преговори за промена на законот, за да нема упис во градинка и училиште без примени вакцини.

-Ќе инсистирам на тоа, уште утре ќе имам средба со образование и труд и социјала, да сега законот вели образованието е задолжително, но не смееме да дозволиме и ова да ни се случува. Мора да направиме нешто, вели Филипче.

Епидемиолозите предупредуваат дека малите сипаници се болест кои можат да дадат сетриозни компликации и апелираат дека вакцинацијата е единствената заштита.

-Мора да ги вакцинираат бидејќи може да дојде до воспаление на мозокот, но и да има смртни последици. Оваа година имавме 51 случај на морбили, но ова сега е посериозно бидејќи има повеќе деца од едно исто место, вели Владимир Микиќ, ИЈЗ.

Од Министерството за труд и социјала покрај мерките во објектот Ташко караџа, најавија вонредна дезинфекција во сите установи кои згрижуваат деца од предучилишна возраст.