Ракомет
27. January 2016 - 17:33

ЕП Полска 2016: Македонија минимално загуби и од Белорусија

Македонската ракометна репрезентација без победа го заврши настапот на Европското првенство, откако на последниот натпревар од групата 1 попладнево во Краков загуби од Белорусија со 30:29.

Со ова Македонија го освои 11.место со две нерешени и четири порази.

Селекторот Обрван натпреварот го почна без двете први стандардни Манасков и Георгиевски, а во составот беа Ојлески и Митков, како и младиот Кузмановски, кој повторно го почна натпреварот и по повредата од дуелот со Норвешка. Поради повреда на коленото натпреварот Македонија го одигра без Филип Миркуловски.

Во натпревар без поголемо значење двете селекции почнаа резервирано и до 7:7 резултатот пет пати беше изедначен. Притоа Македонија првиот гол го постигна во 4.минута. Нашата репрезентација првото водство го имаше во 15.минута кога по голот на Стоилов поведовме со 7:6.

По нашето водство од 10:9 во 21.минута, седум минути не постигнавме гол, а Белорусија пак го презеде минималното водство и на полувреме се замина со нивно водство од 14:13. Во сенка на резултатот остана голманот Ристовски, кој имаше 9 одбрани во првиот дел.

На почетокот на вториот дел Белорусија ја користи предноста од играч повеќе и со двата гола на Јурнок поведе и со 16:13. На стартот од вториот дел противникот имаше серија од 6:1 за водство од 20:14. По серијата од четири гола на двете крила Георгиевски и Манасков намаливме на 21:18.

Предноста од играч повеќе ја искористивме за серија голови и намаливме на 23:25 во 50.минута. На истекот на 55.минута со 10.гол на Кирил Лазаров изедначивме на 27:27 (прво по 10:10). Во финишот Белорусија беше поконцентрирана и поведе со 30:28.

Најефикасен на дуелот беше Борис Пуховски со 11 голови, а кај Македонија К.Лазаров со 10.

Во терминот од 18:15 часот играат Франција – Норвешка, а од 20:30 часот е дуелот Полска – Хрватска.

Табела: Норвешка 7, Франција 6, Полска 6, Хрватска 4, Белорусија 2, Македонија 1.

Од Краков, Марјан Ников