Македонија
30. November 2018 - 9:06

ЕП побара преговори со Македонија во јуни 2019 и екстрадиција на Груевски

Европските пратеници на пленарна седница вчера го усвоија извештајот на Иво Вајгл за Македонија во кој се бара почеток на преговори со Македонија во јуни 2019 и екстрадиција на Никола Груевски.

Со 470 гласови за и 116 против, резолуцијата за Македонија изгласана вчера го поздраво „засилувањето на реформските напори“ во земјата како и гласањето во македонското собрание за уставните измени кои произлегуваат од Преспанскиот Договор. Европратениците оценија дека оваа спогодба претставува позитивен сигнал за помирување и стабилност во регионот.

Европскиот Парламент бара од Македонија да покаже резултати во реформскиот процес, посебно судството, борбата против корупцијата, и другите клучни закони за отворање на преговори во јуни 2019.

-Откако сите услови ќе бидат исполнети, членството на Македонија во ЕУ ќе обезбеди ветувачка иднина за оваа и следните генерации, изјави Иво Вајгл на дебатата пред гласањето.

ЕУ исто така ќе треба да ги исполни своите ветувања кон земја која предолго беше оставена во чекалната и која може да има суштински придонес за стабилноста, безбедноста и напредокот на југоисточна Европа во целост, додаде изестувачот.

Амандманите поднесени од страна на грчки европратеници во кои се бараше да биде избришана придавката „македонски“ секаде во извештајот беа отфрлени од страна на мнозинството европратеници на вчерашното гласање.

Но, беа усвоени сите амандмани поврзани за азилот на експремиерот Никола Груевски во Унгарија и барањата за негова екстрадиција во Македонија, со што Европскиот Парламент официјално зазеде став дека Будимпешта не треба да му одобри азил на Груевски и дека тој чин претставува мешање во внатрешните работи на Македонија.

Амандманот поднесен од групата на Зелените гласи и дека Груевски побегнал од Македонија со “дипломатска помош од Унгарија за да избегне затворска казна“ и го смета овој потег како мешање во внатрешните работи на Македонија како и „чин на презир“ кон судството и владеењето на правото во земјата.

Социјалдемократите исто така поднесоа два амандмани за азилот на Груевски кои беа усвоени.

Со усвојувањето на амандманите Европскиот Парламент става на знаење дека Никола Груевски добил „транспарентен судски процес“ потврден од повеќе судски инстанци и потсетува дека тој е инволвиран во дополнителни пет кривични истраги.

Социјалдемократите го поздравија гласањето на европратениците на нивниот амандман и посочија дека е во прашање кредбилитетот на Европската Унија во овој случај.

-Европскиот Парламент ја повика Унгарија да го екстрадира Никола Груевски, поранешиот македонски премиер кој избега во Унгарија откако беше осуден на затвор во Скопја за корупција и кому му беше одобрен азил од страна на унгарската влада. За Социјалдемократите ова е единствен можен начин ако ЕУ сака да остане кредибилна пред земјите кои бараат членство, ЕУ не може да има едни правило за нив, а друго за нас, соопштија Социјалдемократите по вчерашното гласање.

Усвоен е и амандманот на групата на Зелените за загрозувањето на животната средина преку одредени инфраструктурни проекти. Европскиот Парламент бара да се суспендираат проектите во Националниот парк Маврово додека не биде комплетирана „Стратешка проценка за животната средина“ во целосна согласност со европското законодавство за животна средина.

Европскиот Парламент секоја година гласа резолуција за секоја од земјите кандидати за проширување, по објавувањето на извештаите на Европската Комисија за овие земји. Овие резолуции се официјалниот став на ЕП, кој Советот и Комисија го земаат предвид иако не е правно обврзувачки текст.