Фудбал
14. јуни 2016 - 23:07

ЕП 2016: Французите протераа 150 руски фанови

Француската полиција решила да протера од земјата 29 руски навивачи за кои тврди дека претставуваат закана за мирот и редот во текот на Европското фудбалско првенство, а нивните претставници ја обвинуваат Франција за тенденциозност, бидејќи ниеден од нив не бил приведен и не учествувал во безредијата во Марсеј пред мечот, за време и по мечот со Англија.
 
 
Француската полиција соопшти дека во вторникот покренала антихулиганска акција во градот Мандеје близу Кан откако идентификувала 29 руски навивачи коишто наводно се осомничени дека учествувале во споменатите безредија во Марсеј. Тие биле натискани во еден од нивните автобуси и однесени во центар за прифаќање на француската граница и ќе бидат протерани од земјата.
 
„Руските навивачи кои се проверувани во вторникот на југот од Франција ќе бидат протерани од земјата, бидејќи се претпоставува дека претставуваат опасност за јавниот ред и мир по инцидентите кои се случија во саботата на маргините на средбата Русија-Англија“, соопшти француската полиција, пренесува AFP.
 
Претставникот на организацијата Руска унија на навивачите, Александр Шпригин, за агенцијата РИА изјави дека во автобусот имало 50 лица.
 
„Причините не можат да ни ги објаснат. Ова е некој вид шоу. Ниеден од нас не беше уапсен за време на безредијата во Марсеј, но од некоја причина тие се настрвија на официјалната делегација на здружението“, рекол телефонски Шпригин.
 
Претходно претставници на руската навивачка група изјави дека француските полициски специјалци ја блокирале и набљудувале подготовката на руската навивачка група за пат во Лил, каде во средата ќе се игра натпреварот меѓу Русија и Словачка.
 
Руската амбасада објави дека на местото каде што се спроведува операцијата се наоѓа рускиот конзул во Франција, но дека француските власти не сакаат да комуницираат со него.
 
Се огласи и францускиот премиер Маниел Валс кој потврди дека некои навивачи ќе бидат протерани од Франција по насилните инциденти кои се случија на почетокот од Европското првенство. „Некои навивачи ќе бидат депортирани, бидејќи некои луѓе не може да останат на нашата национална територија“, рече Валс.
 
По трите дена безредија на англиските навивачи во Марсеј и нивните судири со локалните фудбалски навивачи, тие се судрија со руските, а насилството продолжи на стадионот „Велодром“. По безредијата во кои беа повредени 36 лица, од кои еден Британец беше хоспитализиран, а 20 лица беа приведени и во понеделникот двајца англиски навивачки осудени на два и три месеца затвор, УЕФА се закани дека ќе ги исфрли двете селекции од турнирот, доколку продолжат инцидентите на нивните навивачи.
 
Во понеделникот францускиот суд пресуди вкупно девет затворски и една условна казна за десет учесници во безредијата, од кои шест се Британци, тројца се Французи и еден Австриец.
 
Француските медиуми одбележуваат дека е интересно што не е приведен ниеден руски навивач, сметајќи дека тие ги предизвикале немирите и наводно биле „многу добро организирани“ а станува збор за група од 150 луѓе.