Македонија
18. November 2015 - 17:10

Енормен раст на тероризмот и жртви на теророт во 2014 година

Бројката на терористички напади и жртви на тероризмот енормно пораснала во 2014 година, покажува истражување на Институтот за економија и мир „Глобален индекс на тероризмот за 2015“.

Бројот на убиени лица во терористички напади се зголемил за 80%, односно, од 18.111 во 2013-та пораснал на 32.658, а бројот на убиени цивили се зголеми дури за 172 процента.

Најодговорни за порастот на тероризмот се екстремистичката група Боко Харам со седиште во Нигерија, која за една година убила 5662 лица. По нив, следи терористичката Исламска држава, покажува истражување спроведено во 162 земји. Цивилите се главна цел на овие две терористички организации.

Најголем дел од загинатите во терористичките напади или 78 проценти потекнуваат само од 5 земји, Ирак со најголем број жртви речиси 10 илјади, потоа Нигерија, Авганистан, Пакистан и Сирија.

На европско тло, единствено терористичките напади во Украина учествуваат со забележителни 2 процента. Остатокот од светот опфаќа 12,3 проценти од сите терористички напади.

Интересно е што во целиот западен свет за 15 години се извршени вкупно 4,4 проценти од сите терористички напади со 2,6 проценти жртви од вкупниот број.

Меѓутоа, според анализата, тие напади биле и најсмртоносни, а најчесто или во 70 проценти од случаите ги извршиле тнр. ,,Осамени волци‘‘

Тоа што изненадува е податокот за причините за терористичките напади во Западните земји. Политичките убедувања се најчестата причина, пред се анти-владини побуди и верувања за надмоќ на белата раса. Само 19% од загинатите се жртви на тероризам предизвикан од исламскиот фундаментализам.

Тероризмот е во директна корелација со бегалскиот бран. Истражувањето покажало дека 10 од 11 земји најзафатени со тероризам, продуцираат најголем дел од бегалци и внатрешно раселени лица.

Сумарно за 14 години во светот се извршени 61 илјада терористички напади, со 140 илјади жртви.

На мапата на терористичкиот индекс Македонија се наоѓа во зоната на умерено влијание на тероризмот, односно 73 место од 162 земји. Од опкружувањето Грција е под посилно терористичко влијание со висок ранг на 29. место. Во Европа единствено во прибалтичките Републики, во Полска, Словачка, Романија, Словенија, како и во Финска не е забележано терористичко влијание.

Според истражувањето, трошоците за тероризмот во 2014 година изнесувале речиси 53 милијарди долари.