Македонија
10. October 2019 - 14:54

Емилио Сера за МИА: Северна Македонија де факто членка на НАТО, можно е Шпанија да го ратификува Протоколот до Самитот во Лондон

Северна Македонија е де факто членка на НАТО, но дали Шпанија ќе го ратификува Протоколот за членство пред Лондон, жал ми е, но не можам ниту да потврдам, ниту да одречам. Можно е.

Ова во интервју за МИА го потенцира амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава Емилио Лоренцо Сера.

-Пред сѐ, дозволете ми да ви честитам, како на граѓанка на Северна Македонија, за извонредниот успех што за само девет месеци ве ратификуваа 22 од 29 членки на НАТО. Тврдам дека ова е извонреден успех. Де факто, Северна Македонија е членка на НАТО. Преостануваат само формалности. Но, со оглед на претходните искуства на членките во процесот на ратификација, обично се потребни една и пол до две години, или 18-24 месеци. А до самитот во Лондон ќе бидат изминати само десет месеци откако го потпишавте Протоколот. Значи сте постигнале крајно добар резултат. Факт е дека ќе ја прославите 70-годишнината од основањето на НАТО во Лондон со сите нас. Како гостин, вашиот претставник—било претседателот, било премиерот—ќе седи покрај генералниот секретар. Ако сте полноправен член, на некој начин, ќе бидете изгубени меѓу останатите 29 членки. А дали Шпанија ќе го ратификува Протоколот за членство пред Лондон, жал ми е, но не можам ниту да потврдам ниту да одречам. Можно е, вели амбасадорот Сера.

Според него, тоа не е толку поврзано со резултатот од изборите кои се закажанио за 10 ноември, годинава, колку што е, вели, со времето што треба да помине по изборите и начинот на кој се избираат членовите на Парламентот.

-Тоа е прашање за експертите по парламентарното право и жалам, тоа мене не ми е специјалност. Јас сум дипломат по професија, а таа област е крајно специјализирана, истакнува амбасадорот Емилио Лоренцо Сера во интервјуто за МИА, кое целосно заедно со видео материјалот ќе биде објавено утре.