Бизнис
14. November 2016 - 13:17

ЕЛИТ: Неискористен претприемачкиот потенцијал на македонската жена

Фактот дека 50 проценти од популацијата во Македонија се жени и дека 43,1 отсто се на пазарот на трудот, говори дека македонската жена е неискористен потенцијал, истакна денеска Ленче Угриновска од Здружението на жени менаџери ЕЛИТ на отворањето на 11-тиот „Европскиот ден на претприемачот & Европската недела на МСП“, и на конференцијата „Женско лидерство, личен развој и етика“.

- Согласно законот за еднакви и работни можности ние сме еднакви и не смее да постои родов дисбаланс во бизнисот, но за жал во пракса тоа не е така. И покрај тоа што се знае, не се предвидуваат никакви мерки ниту санкции за тоа да се спроведе, рече Угриновска.

Нагласи дека приматот на мажите во одлучиувачките функции жените можат да го преземат само ако се воведат системски мерки. Според Угриновска околу 30 отсто се жени оснивачи на компании каде што основниот влог е над 50 проценти, но, како што рече, тоа се микро компании со малку вработени. - Ние се залагаме жените да ја најдат својата раководдна функција, односно да одлучуваат во големите компании, потенцира Угриновска.

Според Мади Шарма член на Европскиот економски и социјален совет во Македонија постои многу потенцијал.

- Луѓето имаат одлични идеи кои можат да ги придвижат заедниците напред со цел да се намали сиромаштијата, да се направат промени, да се воведат нови технологии. Претприемништвото значи вреднување на човечкиот капитал, а тој капитал го има многу во Македонија, рече Шарма и додаде дека затоа е многу важно младинското и женското претприемништвото и дека треба да им се даде шанса на сите да бидат претприемачи.

Тања Томиќ основач на Еднакви.мк рече дека жените сопственички на бизнис според сите истражувања, односно 90 проценти се на мали или средни бизниси. Тие ретко се решаваат да го прошират својт бизнис и да го надградат.

- Сметам дека потребно е да се развива женската солидарност, односно меѓусебната соработка во бизнисот, политиката и невладиниот сектор со цел да им се овозможи на жените претприемачи подобри услови и подобри можности да го развијат својот бизнис, рече Томиќ.

Димитар Ристовски извршен директор на ЕБА појасни дека идејата на проектот е на европско ниво да се даде поттик на претприемништвото како начин за прогрес на локална економија.

- Особено е битно претприемништвото на Македонија затоа што со овој број на невработени сметаме дека единствен излез за надминување на овие потешкотии во поглед на вработувањето, невработеноста и развојот на економијата е агресивно вртење кон претприемништвото и поттикнување на младите луѓе да се насочат кон претприемништвото и основањето на сопствен бизнис, истакна Ристовски.

Во рамките на „Европскиот ден на претприемачот & Европската недела на МСП“ утре ќе се одржи предавање на тема „Како до современ и успешен едукативен процес по претприемништво - Едукација на професори и ученици од средни училишта во Скопје“.