Македонија
24. March 2020 - 8:41

Eлектронска настава и оценување на основците, гимназијалците и студентите додека трае вонредната состојба

Наставата, испрашувањето (полагањето испити) и оценувањето во основните школи, средните училишта и на факултетите ќе се одвива електронски додека трае вонредната состојба во земјава.

Средства за електронска комуникација можат да бидат видео-конференциски платформи, електронска пошта или други системи за двонасочна електронска размена на податоци, а кои од нив ќе се користат, одлучува образовната установа (основно училиште, средно школо, факултет).

-За периодот на организирање на наставата во основните и средните училишта преку далечинско учење односно учење од дома, наставникот може да изврши оценување на учениците. Со примена на средствата за електронска комуникација може да се спроведат испрашувања, тестирања на учениците или да се користат други форми на утврдување и оценување на знаењето на ученикот, соопшти Владата која на вчерашната седница ги донесе уредбите со кои стапуваат во сила овие одлуки.

Со Уредбата за Законот за високото образование во вонредна состојба, освен изведувањето на студиските програми и проверката на знаењето на студентите во сите три циклуси на високото образование, се уредуваат и начинот на продолжување на мандатот на органите и телата на високообразовните установи односно јавните научни установи, како и рокот за важност на постојните акредитации, односно ре-акредитации на студиските програми.

Според Уредбата, (ре)акредитацијата на постојните студиските програми на сите три циклуси на високото образование, чија важност престанала или ќе престане за време на вонредната состојба, продолжува да важи најмногу една година од денот на влегувањето во сила на оваа уредба.

-Преку системот за далечинско учење со примена на средства за електронска комуникација се спроведуваат предавањата, вежбите, форми на континуирана проверка на знаењето, индивидуалната настава и други облици кои се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област, консултативно-инструктивната настава, индивидуална студиска работа (истражување на литература, семинарски задачи, проектна работа), како и одбраната на дипломска/и, магистерска/и и докторска/и задача/труд. Полагањето на испитите и колоквиумите ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација под услов да се обезбедени соодветни технички решенија кои обезбедуваат идентификација и контрола на работата на студентите за време на полагањето, напоменува Владата.

И работата на Стручната служба во високообразовните установи односно јавните научни установи ќе се врши со примена на средства за електронска комуникација.

Високообразовната установа која до денот на истекот на мандатот на органите и телата, не извршила избор на нови органи и тела, мандатот им продолжува до изборот на нови органи и тела. Високообразовната установа е должна најдоцна во рок од 30 дена од денот на престанување со важење на оваа Уредба да почне, односно да ја продолжи постапката за избор на органите и телата од став 1 на овој член.

Одредбите од Уредбата за Законот за високо образование не се однесуваат на меѓународната физичка мобилност и учеството на меѓународни собири на студиската програма за трет циклус-докторски студии.