Македонија
5. December 2016 - 12:23

Електра ја воодушеви романската публика во Клуж

Настапот на Македонскиот народен театар со „Електра“ на 5. издание на Меѓународниот театарски фестивал „Inteferences“ во Клуж, Романија предизвика големи овации кај романската публика.

- Ова беше исклучително гостување кое долго ќе се памети, а за актерската екипа, која до последен атом ја пренесе својата креативна моќ и енергија, зборуваат позитивните коментари и честитките по изведбата, соопштуваат од МНТ.

Претставата во адаптација и режија на Андриј Жолдак беше во селекција на продукции од најновите театарски трендови, што ја покажа и врвната фестивалска програма во која се прикажаа: „Фауст“ на режисерот Томаж Пандур, дијалог/разговор со големото британско режисерско име на денешницата Деклан Донелан, „Играчки мрачна приказна“ и „Крај на партијата“ на романскиот режисер Габор Томпа, „Добриот човек од Сечуан“ на универзитетскиот професор за школата за уметности во Колумбија, Андреј Шербан и многу други.

Во „Електра“ игра артистичка екипа во состав: Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиески, Камка Тоциновски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Александар Михајловски, Арна Шијак, Калина Трипкова и Мишел Митевска.

Од МНТ го истакнуваат и, како што посочуваат, големиот успех на претставата „Разговори во четири очи“ во режија на Нина Николиќ, која се одигра на 1 декември во рамките на седмото издание на меѓународниот камерен театарски фестивал „Арт Окраина“ во Санкт Петербург, Русија. И оваа претстава, наведуваат, исто така, беше во селекција со врвни театарски куќи од: Русија, Англија, Италија, Полска, Белорусија и од Романија.

- Семејната драма која ги обработува темите кои не засегаат, приказната за горките сознанија за изгубеното време, пропуштените прилики, свесното жртвување и соочување со она што сме биле некогаш, што сме можеле да бидеме и она што сме, со одличната актерска игра на Амернис Нокшиќи - Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Благој Веселинов, Катина Иванова и Дамјан Цветановски, длабоко допре до руската публика. Поклонот беше проследен со голем аплауз и овации, а актерите и техничката екипа се уште ги споделуваат импресиите и приемот од меѓународниот камерен театарски фестивал „АртОкраина“ во Русија, наведуваат од МНТ.

За 15 дена МНТ одигра 12 претстави во Полска, Романија и Русија и со ова, како што се посочува, ја заврши една од најуспешните турнеи во своето постоење. Оваа година МНТ ја продуцираше и претставата „Соларис“ во копродукција со Винер фествохен, кој е еден од најпрестижните фестивали во Европа, а чија светска премиера беше во месец јуни во Виена.