Македонија
25. February 2018 - 11:06

Екстрадициите - средство за спроведување на правдата или нејзино одбегнување

Во Македонија од година во година постојано се зголемува бројот на екстрадиции на обвинети или осудени лица, што се должи на поефикасната борба против криминалот, на меѓународните конвенции кои нашата држава ги има ратификувано, како и на поголемата обученост на лицата кои работат на овие предмети, велат од Министерството за правда.
 
Според статистичките податоци од Министерството за правда од 2011 до 2017 година евидентирани се вкупно 873 барања за екстрадиција, од кои 717 за македонски државјани од странство и 156 за странски државјани од Македонија во други земји.
 
Од 717-те барања за екстрадиција на македонски државјани од странство реализирани се 450, додека од 156 барања за екстрадиција на странски државјани од Македонија во други земји извршени се 114.
 
Предметите за екстрадиција се доста сложени и по нив, како што истакуваат од Министерството, се постапува со посебно внимание и во најкратки можни рокови со целосна примена на меѓународните договори и домашното кривично законодавство.
 
Сложеноста и актуелноста на оваа постапка, како што додаваат од Министерството, може да се констатира од повеќето актуелни случаи кои во последно време беа реализирани, како и итноста во постапувањето во однос на приемот на списите, кој рок за доставување на молбата и списите за екстрадиција не може да биде подолг од 40 дена од денот на притворањето на странецот, што е во согласност со одредбите од Законот за меѓународна соработка во кривична материја и Европската конвенција за екстрадиција.
 
Во зависност од тоа кој бара екстрадиција, односно дали Македонија бара екстрадиција на лице кое сторило кривично дело на територијата на Република Македонија или пак екстрадиција бара странска држава на лице кое е лишено од слобода на територијата на Република Македонија, Министерството за правда постапката за екстрадиција на обвинети или осудени лица ја спроведува во согласност со домашната регулатива, Европската конвенција за екстрадиција, билатералните договори кои ја регулираат оваа материја, а со земјите кои не се потписнички на Европската конвенција за екстрадиција, ниту пак е склучен билатерален договор, комуникацијата во оваа област се одвива по дипломатски пат.
 
Република Македонија по усвојувањето на амандманот XXXII од Уставот на РМ, со кој се замени ставот 2 на членот 4 од Уставот, според кој на државјанин на Република Македонија не може да му биде одземено државјанството, ниту може да биде протеран од Република Македонија и не може да биде предаден на друга држава освен врз основа на ратификуван меѓународен договор, со одлука на суд.
 
По усвојувањето на амандманот Македонија склучи повеќе билатерални договори за екстрадиција на сопствени државјани, и тоа со Хрватска, Црна Гора, Србија, Договор за изменување и дополнување на  Договорот за екстрадиција со Босна и Херцеговина и Дополнителен билатерален договор со Република Италија кон Европската конвенција за екстрадиција од 13. декември 1957 година за олеснување на нејзината примена. Нашата држава  вакви договори има склучено и со Словенија, Албанија и Косово.
 
Во договорите се пропишани одредби за издавање на сопствени државјани во однос на најтешките кривични дела од областа на организираниот криминал, корупцијата и перењето пари, за кои е пропишана казна затвор од најмалку четири години или потешка казна или лица кои се осудени на казна затвор од најмалку две години.
 
Склучувањето на овие договори, како што велат од Министерството за правда, е од големо значење не само на нашата држава, туку и за регионот, и ќе придонесе за поефикасна борба против организираниот криминал, со што ќе се стесни просторот на делување на криминалците кои повеќе нема да се штитат со националното законодавство.
 
Република Македонија најмногу барања за екстрадиција во моментов има со Република Србија.
 
 
Екстрадиции што Македонија ги бара и од неа се бараат
 
Најмалку примени барања за екстрадиција се евидентирни во 2011 година, и тоа 65 нови барања за екстрадиција на осудени лица од странство во Македонија, од кои 52 се реализирани и 29 нови барања за странски државјани од Македонија во други земји, од кои реализирани се 23.
 
Следната 2012 година примени се вкупно 76 нови барања за екстрадиција од странство во Македонија, од кои 32 се реализирани и 22 нови барања за странски државјани од Македонија во дуги земји, од кои реализирани се 12.
 
Како што информираат од Министерство за правда, со стапување во сила на Законот за меѓународна соработка во кривичната материја во декември 2013 година, како новина е воведена скратената постапка за екстрадиција, која се покажа како мошне брза и ефикасна. 
 
Имено,  скратената постапка му дава можност на бараното лице да се согласи да биде предадено на правосудните органи на сопствената земја, без притоа да биде спроведена формална постапка за екстрадиција. Во оваа постапка роковите за преземање се многу кратки и рокот го одредува државата во  која лицето е притворено.
 
Од досегашната пракса рокот за преземање при скратена постапка се движи од еден до два месеци, но има и случаи кога може скратената постапка да биде реализирана и во рок пократок од 30 дена.
 
Токму во годината од кога е во сила скратената постапка за екстрадиција примени се вкупно 114 нови барања за екстрадиција на лица од странство во Македонија, од кои 60 се реализирани и 12 нови барања за странски државјани од Македонија во други земји, од кои реализирани се 14, од нив по скратена постапка се екстрадирани 11 лица во Република Македонија. Имајќи предвид дека Законот стапи во сила од 1 декември 2013 година, како што велат од Министерството за правда, обратно не е реализирана ниту една екстрадиција.
 
Најголем број на барања за екстрадиција се примени изминатата 2017 година, дури 125 од странство во Македонија, од кои 72 се реализирани и 21 нови барања за странски државјани од Македонија во други земји, од кои реализирани се 14, од нив по скратена постапка се екстрадирани девет лица во Република Македонија, а обратно 11.
 
Двојно државјанство – средство за избегнување на екстрадицијата
 
Голем број од лицата кои се бараат за да ги избегнат затворските казни се даваат во бегство и најчесто го користат двојно државјанство. Има и такви случаи кога „бегалците“ за да ја избегнат екстрадицијата во својата земја прават мало кривично дело во туѓа држава, каде ќе им се суди за тоа дело и нема да бидат екстрадирани во нивните матични земји.
 
Драган Даравелски
 
Како еден од најстарите примери може да го посочиме случајот со поранешниот директор на Царинската управа на РМ,  Драган Даравелски, кој благодарение на српското државјанство речиси две децении избегнува екстрадиција во Македонија.
 
Двојното државјанство, македонско и бугарско, долги години го користеа за одбегнување на екстрадицијата и стечајниот управник  Владимир Тамбурковски, како и поранешниот министер за здравство, Владо Димов.
 
И за двајцата првообвинети во случајот „Монструм“, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, осудени за петкратното убиство кај Смилковското езеро во април 2012 година, меѓународни потерници се уште се активни, а тие со години се во Косово.
 
 
Како што се вели, можеби правдата ќе задоцни, но не заборава, покажува екстрадицијата на Миле Хаџиски, кој беше осуден во Македонија за убиство извршено во 1993 година. Тој по речиси 19 години , во 2015 година е екстрадиран од Франција во Македонија. Хаџиски успешно ја избегнувал правдата користејќи повеќе лажни идентитети.
 
Еекстрадиција, која медиумски беше најекспонирана е на новинарот Зоран Божиновски, осомничен во случајот „Шпион“. Тој во април 2016 година, беше уапсен во Нови Сад и екстрадиран во земјава.
 
Најактуелна пак во моментов е екстрадицијата на Горан Грујевски и Никола Бошковски од Грција. На 5 јануари годинава Судот во Солун одлучи двајцата поранешни агенти на УБК, да бидата екстрадирани во Македонија. Одлуката беше донесена на 22 декември минатата година. Сепак, двајца поранешни агенти одлуката на првостепениот суд веднаш ја обжалија во Врховниот суд во Атина.
 
Нивното екстрадирање, сепак можеби и нема да биде толку брзо. По последниот збор од Врховниот суд, на Грујевски и Бошковски во Грција ќе им се суди и за користење на лажен идентитет. Грчката полиција на 18 октомври минатата година на солунскиот аеродром ги уапси со фалсификувани бугарски пасоши со имињата Неџби Хасан и Христо Атанасов, на пат за Будимпешта.
 
 
Во Секторот за меѓународна правна помош во Министерството за правда до 2017 година по предметите се постапуваше согласно Проектот ДМС за електонско управување со предметите, кои покрај електронски се заведуваа и  во хартиена верзија во деловодните книги.
 
Имајќи предвид дека ДМС системот имаше и  слабости, во Секторот е изготвен нов софтвер – ЛУРИС, кој одговара на меѓународните стандарди и може Секторот за меѓународна правна помош во Министерството за правда навремено да одговори на барањата од домашните и меѓународните организации.
 
Од 1 јануари годинава меѓународната правна помош се заведува посебно со сите специфики за секој предмет, така што во иднина ќе се има преглед за сите предмети во оваа област по држави дали се влезни или излезни, односно дали барањата започнуваат од правосудните и други органи во Република Македонија или обратно, дали кривична или граѓанска материја, а посебно за екстрадициите се води точна евиденција за кое кривично дело се гони или е осудено лицето за кое се бара екстрадиција.