Македонија
10. July 2019 - 17:35

Експлозивна направа фрлена во кафе бар во Прилеп - не експлодирала

Антитеростичката единица од Скопје попладнево околу 15 часот ја демонтира и подигна експлозивната направа која беше поставена во едно кафуле во строгиот центар на Прилеп, во старата прилепска чаршија. Според портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, крим вештачењето ќе требало да покажи за каков вид на бомба станува збор.

Инаку околу 12.10 часот во кафе барот „Cafeeine“ во старата чаршија експлозивната направа била пронајдена од страна на келнерите под една од масите покрај летната бавча, од нејзината надворешна страна, по што за тоа го известиле сопственикот на угостителскиот објект кој пак веднаш за случајот ја известил полицијата.

Полициски службеници веднаш во голем број го обезбедија централното градско подрачје околу објектот, евакуирајќи ги гостите, но и вработените во дуќаните кои се наоѓаат околу кафулето.

На лице место веднаш пристигнаа и екипите на Територијалната противпожарна единица како и екипите на Итната медицинска помош.

Прилепчани денеска во страв и паника не сакаа да дадат изјава во камера за тоа што се случуваше попладнево. Изјава не сакаше да даде ниту сопственикот на објектот, кој само истакна дека до тогаш немал никакви закани од никого.

На лице место пристигнаа и јавен обвинител од ОЈО Прилеп кој ги побарал и снимките од безбедносните камери како од угостителскиот објект така и од другите објекти, кои треба да помогнат во истрагата, како бомбата се нашла во кафулето или кој и зошто ја поставил бомбата тука и кои биле мотивите за тоа.