Балкан
12. January 2016 - 10:52

Експлозија во центарот на Истанбул, најмалку 10 загинати

Силна експлозија одекна претпладнево на централниот истанбулски плоштад „Султанахмед“, кој е едно од главните туристички атракции на најголемиот град во Турција.

Според агенцијата Анадолија, при експлозијата загинале најмалку 10 лица, а околу 15 се ранети, меѓу кои некои се и во критична состојба.

Телевизијата Си-Ен-Ен-Турк пренесе изјави на очевидци на настанот, кои тврдат дека слушнале „гласна експлозија“.

На местото на настанот пристигнаа поголем број полициски, амбулантни и противпожарни возила, а полицијата го блокира целиот реон околу плоштадот.

Причините за експлозијата засега не се познати. Според непотврдени информации, нападот го извршил бомбаш-самоубиец.

Медиумите пренесуваат и различни информации за точната локација на експлозијата. Според едни, таа се случила на самиот плоштад, а според други, кај еден од влезовите на џамијата „Султан Ахмед“.

Околу плоштадот „Султанахмед“ во Истанбул, покрај џамијата „Султан Ахмед“, уште позната и како „Сина цамија“, се наоѓа и храмот „Света (Аја) Софија“, а во негова близина е и главната истанбулска Судска палата.