Бизнис
28. February 2019 - 19:47

Експертите се сомневаат дека новиот Закон за јавни набавки ќе даде резултати

Експертите се сомневаат дека новиот закон за јавни набавки ќе ги даде посакуваните резултати. Не се сигурни дека администрацијата има капацитет да го спроведе законот, што ќе стапи на сила од 1-ви април годинава. Со новиот начин на јавни набавки се напушта принципот тендерот да го добие понудувачот со најниска цена, а се воведува избор на најповолна економска понуда.

“Економски најповолна понуда ќе биде новиот принцип на селекција во процесот на јавните набавки. Тоа во праска е многу тешко да се спроведе. Дали јавната администрација е доволно подготвена да спроведе таков тип набавки? Тука не е само евалуацијата на понудите, туку многу побитно е како ќе биде направено тендерското досие, кои се критериумите што ќе се стават внатре, дали службениците што ќе бидат во комисиите се доволно подготвени реално да ја изберат вистина економски најповолната понуда”, вели Љубомир Димовски, директор на консултантска куќа.

Истражувањата покажуваат дека бизнис секторот е незадоволен од преобемната документација и нејасните услови за учество на тендерите, кратките рокови за доставување понуди, а често имаат проблеми со наплатата.

“Доставивме неколку предлози за подобрување на законското решение. Дел од нив беа прифатени, дел не беа. Едно од барањата на бизнис заедницата беше при одредувањето на критериумите за избор на економски најповолна понуда да се изработат подзаконски акти што ќе ги опфаќаат секторите, зашто има специфики при набавките, зависно за што станува збор, дали се работи за набавка на ИТ опрема, ИТ услуги, земјоделствo, или други гранки. Тоа не беше прифатено”, вели Павлина Димовска, правен консултант.

Податоците покажуваат дека од 70.000 активни компании во земјава, помалку од 5.000 се вклучени во бизнисот со јавни набавки, што годишно вреди околу 1 милијарда евра.