Бизнис
4. August 2020 - 16:34

Експертите резервирани за состојбата и покрај растот на приходите во јули

Рано е да се зборува за заживување на економијата и покрај растот на приходите во јули. За експертите, добро е што минатиот месец, за прв пат од стартот на  корона кризата е забележан раст на приходите во буџетот, но неизвесноста продолжува, посебно затоа што собраните пари се и натаму помалку од лани,  а дупката во буџетот расте.

„Треба да имаме предвид дека се уште имаме околу 9,5 до 10% пад на приходите, а во јули растот на расходите изнесува над 11%. Значи дупката е прилично сигнификантна, а јавниот долг веќе надмина 59%. Значи, добар сигнал е дека падот е помал односно дека имаме благо зглемување на определени даночни приходи. Но, бројот на заболени од Ковид и натаму расте, се зборува за втор бран, така што неизвесноста продолжува“, вели за Сител универзитетскиот професор, Борче Треневски.

Државата мора да најде начин да си ги собира парите поефикасно, што значи да се зголеми наплатата на приходите кои со години не се собрани. Ако тоа не го стори тоа, долгот ќе расте. Во моментов јавниот долг изнесува 59,5% и многу е важно да се стабилкизира на тоа ниво.

„На малите и отворени економии како нашата ако го надминат нивото од 60% од БДП, ќе им бидат потребни двојно повеќе години за да се вратат под 60%. Значи, ќе влеземе во една зона која ќе биде многу специфична за опоравување. Од една страна, ќе се бараат мерки за ревитализација на економијата, а од друга, ќе мора да се собираат повеќе приходи во буџетот. На Владата ќе и биде многу тешко тоа да го објасни“, вели Треневски за Сител.

ВМРО ДПМНЕ и денеска реагира на растот на долгот за една милијарда евра за три месеци.

„Заради погрешните политики на власта, граѓаните се задолжени со нови 2.000 евра по семејство, а истовремено ќе плаќаат и поскапа струја годишно. Најлошото е што власта нема план и состојбите може уште повеќе да се влошуваат“, вели Владимир Неловски од ВМРО ДПМНЕ.

МФ денеска објави дека вкупните приходи во јули се зголемиле за 1,4%. Собрание се 291 милион евра, а од даноци се собрани близу 166 милиони евра.  Прв пат од старот на кризата раст бележи и ДДВ.

Министерката Ангеловска вели дека целта на Министерството е да обезбеди континуирано извршување на Буџетот, без застој, во законски утврдените рокови. Очекувањата се дека во третиот и четвриот квартал од годината постепеното опоравување на домашната економија и заживување на економската активност ќе продолжи со засилено темпо.