Македонија
19. September 2023 - 19:59

Експертите против измените на Кривичниот законик

Последните измени на Кривичниот Законик кои во Собранието влегоа и се изгласаа за само еден ден покажуваат дека борбата против корупцијата е само декларативна. И денеска остри реакции измените. На панел дискусија организирана од „Солуција“, претседателката на Антикоруциската комисија вели овие измени одат во погрешна насока.

-Наместо да се донесе Закон којшто ќе го ограничи рокот на постапување, ќе има реперкусии врз судиите и јавните обвинители кои не постапуваат во рок, напротив, се намалува казната за тие што се огрешиле. Значи, која е пораката до граѓаните? Дека корупцијата, ќе им се исплати, вели Билјана Ивановска.

Според Ивановска, до донесување на комплетно нов Кривичен Законик е залудно да се анализираат измените.

-Сето ова требаше да се случува пред донесувањето на Законот, ние да разговараме за него, а не отпосле. Значи, сето тоа претставува злоупотреба на алатката – скратена постапка за носење закон, вели Ивановска.

Од Здружението „Млади Правници“ кое беше дел од Организациите кои побараа од претседателот на државата да не ги потпишува измените, имаат најголеми замерки околу нивното носење, со оглед на тоа што правните екперти воопшто не биле ниту информирани за нив.

-Луѓето ќе изгубат верба и се помалку ќе пријавуваат корупција знаејќи колку ќе бидат намалени казните во однос на истото. И укажавме на многу работи во однос на нетранспарентното носење на овој Закон. Критиките наши беа во насока на тоа дека не само што не беше консултирана јавноста, туку воопшто и Работната група која го изготвува новиот Кривичен Законик се уште немаше информации дека вакви измени воопшто се спремаат. Од друга страна, се злоупотреби европското знаменце. Народски кажано – на мала врата се протнаа ваквите измени коишто носат навистина многу големи проблеми, вели претседателката на Здружението „Млади правници“, Александра Цветановска.

Критика за начинот на носење на измените во Кривичниот Законик имаа од американска НДИ. Оттаму посочуваат дека во Собранието мора да има време за дебата.

-Немаше доволно време за да се вклучат правните екперти, како на овој панел, за граѓанското општество да даде свое мислење за тоа како промените да се направат подобри, за дискусија меѓу пратениците. Ние поддржуваме Собранието да има време и простор за да носи вакви измени, вели Роберт Скот од НДИ.

Но, измените сега ќе се најдат пред уставните судии. Пратеникот Павле Трајанов испратил иницијатива за преиспитување на нивната уставност.

-Ја нагласуваме потребата да се испита уставноста со којашто се декриминализираат јавните набавки на штета на државата. Сметаме дека имотот на граѓаните, во овој случај како имот на државата треба да биде заштите. Ако се декриминализираат практично сите актуелни случаи кои имаат обвинение по овој основ ќе паднат, вели Трајанов.

Со новите измени ќе застарат десетина високопролифирани случаи за корупција за кои државата потроши огромна сума за пари, особено во поранешното Специјално Јавно Обвинителство. Освен тоа, ќе тие го намалуваат и рокот за застарување на кривични дела.