Македонија
7. јуни 2018 - 17:01

Експерти од повеќе области ќе бидат дел од комисијата што ќе одлучува за абортуси по 24. Гестациска недела

Зголемената  бројка од педесетина бебиња кои ги умртвуваат уште пред да бидат родени поради вродени срцеви аномалии, го вклучи алармот кај стручната фела. Бараат решенија како овој број да биде намален и да дадат шанса за живот. По 24-тата гестациска недела кога кај плодот е откриен деформитет, во Комисијата која одлучува дали да има прекин на бременоста или со хируршки интервенции детето ќе има нормален живот, покрај гинеколози ќе има и специјалисти од неврохирургија, кардиологија и кардиохирургија. Ова е содржано во новиот закон за абортус кој сеуште е во процедура. Лекарите бараат реално гледање на проблемите а не паушално носење на одлуки.

- Не е прашањето дали некој сака или не. По 24тата недела почнува живот. Има случаи каде родители 10 години чекаат бебе и ако е со аномалија, треба да донесете одлука и таа мора да биде од широка комисија. А одлуката зависи од дијагнозата и комплексноста на аномалијата. Во пракса, и деца со најкомплексни маани потоа имаат нормален живот, вели Владимир Чадиковски, детски кардиохирург.

Покрај срцевите аномалии, често има и бебиња со искривени колкови или поголем број на прсти на рацете и нозете, кои ортопедските хирурзи ги решаваат со реконструктивни интервенции.

-Најчести се проблемите на колкови и стапала а имаме и по шест или седум прсти на раце и нозе. Најчесто, чекаме бебето да стигне до одредена возраст и ова се решава со операција, вели Виктор Камнар, ортопедски хирург.

Современата дијагностика може многу да помогне во рано откривање на вродените аномалии.

- Има огромен напредок во однос на дијагностиката, пренатална и интраутерина, со различни методи кои, дополнително сакаме да ги унапредиме со овозможување нови методи за дијгностика, но и во третман на прерано и бебињата родени со одредени малформации. Резултатите покажаа дека има одличен успех, се имплементираат нови методи во нашето јавно здравство, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Во светски рамки поради вродени аномалии годишно умираат околу 300 000 новороденчиња во период од четири недели по раѓањето.