Бизнис
12. February 2019 - 19:36

Експерти: Наместо во РЕК Осломеј државата да инвестира во обновливи извори

РЕК Осломеј не треба да се рестартира, тврдат експертите. Препорачуваат парите за електраната, да се пренаменат во централи кои ќе работат со обновливи извори. А вработените, да се преквалификуваат за да не останат без работа. Со ова, Македонија полека ќе почне да се ослободува од јагленот, како што тоа се прави во Европа. И додека западните земји ги затвораат термоелектраните, Косово најави дека ќе гради нова, а Македонија веќе преговара оттаму да купува јаглен за Осломеј.

-За „Осломеј“ единствено оправдување беше да се увезува висококвалитетен, каменен јаглен. Инаку, вака транспоортираш нискоквалитетен, загадуваш при транспорт. Се растура при претовар и согорување. Значи, тоа е неоправдано, вели енергетскиот експерт, Константин Димитров.

Прв чекор кон искористување на обновливите извор, според Димитров, е изградба на хидроелектраните Чебрен и Галиште. Владата веќе најави дека до крајот на годината ќе почне реализација на проектот за Чебрен. Меѓутоа, Димитров е скептик дека тоа може да се направи за толку краток период.

-Убеден сум дека ние во Македонија за Чебрен и Галиште немаме таканаречени изведбени проекти. Од студија до изведбен проектот патот не е кус и бара сериозна работа, вели Димитров.

Експертите сметаат дека дури во 2050 година Македонија ќе може добар дел од електричната енергија да ја произведува од обновливи извори.