Бизнис
11. јуни 2019 - 19:47

Експерти: Намалувањето на невработеноста се најмногу должи на работа на црно и иселување

Невработеноста се намалува најмногу поради работата на црно или иселувањето од земјава, сметаат експертите. Државната статистика по првиот квартал годинава објави историски најнизок процент на невработени од 17,8%. Изразено во бројки, за период од една година бројот на лица без работа се намалил за над 35.000.

 “Очекувано беше дека невработеноста ќе продолжи да паѓа од две причини. Првата причина е постоење на одреден процент на сива економија каде што одреден број на луѓе се вработени незаконито, односно ангажирани по разни основи и ги нема во статистиката. Од друга страна, имаме континуирано одлевање на работна сила од Македонија и тоа не само на млади, туку во сите старосни структури. И тоа се манифестира во однос на зголемена побарувачка на пазарот на труд во одредени гранки, кои што веќе сè поинтензивно алармираат за недостаток на работници”, вели Лазар Јовевски, професор по трудово право.

Бизнис секторот веќе подолго време алармира дека во земјава има сè помалку работници. И познавачите на пазарот на труд го потврдуваат истото. Велат дека за разлика од порано кога имаше недостиг само на одредени професии, сега веќе фалат работници речиси во сите сектори.

“Тоа покажува дека веќе пазарот на труд полека, но сигурно, влегува во една друга состојба, за нас во Македонија можеби невообичаена, а тоа е дека ќе имаме сè поголема рефлексија на недостаток на работна сила, особено во наредните година-две во одредени струки”, објаснува Јовевски.

Статистиката покажува дека по првото тримесечје годинава во земјава работат околу 790.000, а над 170.000 се невработени,.